Точно на пладне денеска во Радовиш свечено ќе биде отворено 47. издание на Меѓународната поетска манифестација „Караманови средби“.
По отворањето, средбите продолжуваат со поетски интервали за Ацо Шопов „ И можеби ти ќе дојдеш тогаш“ кои ќе ги читат Игор Чапов и Јовица Илиќ, а потоа ќе се одржи поетски мозаик со македонски и странски поети преку видео обраќања.
Денес ќе се одржи и промоција на првата антологија на „Караманови средби“ со наслов „Петтокалендарско време“ која ја приреди писателот Борче Панов од Радовиш, кој и ќе ја промовира.
Марина Мијаковска и Венко Андоновски ќе ја промовираат книгата „Разден“ од Кристина Николовска, која ја доби наградата „Караманов 2020“ за најдобра необјавена книга од македонски автор.
Манифестацијата продолжува утре со промоција на поезијата на двајцата годинашни лауреати-Маи Ван Фан од Виетнам и Раед Анис Ал-Јиши од Саудиска Арабија, кои се добитници на интернационалната награда за поезија „Ацо Караманов 2020“. Нивните книги „Новогодишно бањање“ и „Зачуден барут“ ќе ги промовира Даниела Андоновска-Трајковска. По промоцијата двајцата наградени поети ќе имаат видео обраќање.
Поетската манифестација „Караманови средби“ завршува со тркалезна маса на тема „Младите и новите трендови во македонската книжевност“, промоција на Зборникот поезија од деца и младинци учесници на годинашната манифестација и со читање на наградените творби.
Comments are closed for this post.