На судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски денеска сведочеа службени лица кои биле назначени да го спроведат обвинетиот Велибор Манев до местото каде што било закопано телото на Жежовски.
Сведокот Игор Јанушев, службено лице ангажирано за настанот изјави дека според кажувањата на Велибор Манев, тие се движеле накај Велес, каде што Велибор изјавил: „Тука е местото, тука има закопано човек.“
Патот до местото беше непрооден и со дупки, па возилата ги оставивме подолу. По пристигнувањето на местото викано Кула, Велибор ни покажа место покриено со гранки, по што го вративме назад во полициската станица Кисела Вода, рече сведокот.
Одговарајќи на прашање од обвинетиот Љубомир Палевски Палчо, тој изјави дека во текот на предистражната постапка не разговарал со ниту еден од обвинетите.
Зоран Абаз, вработен во Министерството за внатрешни работи, сведочеше дека на 3.12.2023 година бил ангажиран за преземање службени дејствија за пренос на лице од едно на друго место.
По добивањето на конкретна задача, го преземавме лицето и го однесовме до патарина Велес, каде што ги пречекале колеги. Велибор ги даваше насоките до местото каде што требало да се ископа дупка за да се најде тело. Кога почнаа да работат бевме тука, после тоа требаше да се вратиме во станица, го преземавме лицето и се вративме во станица, рече тој.
На прашањето за брзината и бојата на службеното возило, поставено од обвинетиот Палчо, Абаз одговори: „Не се сеќавам на брзината, бевме со наше бело возило.“
Comments are closed for this post.