Граѓаните бараат соодветно санкционирање и одговорност за прегазената 22-годишна Фросина Кулакова во Скопје. Револтот вчера беше изразен преку протест на местото на кое почина Фросина, пред Собранието, пред Кривичен суд, како и во родниот град на девојката, Неготино.
За несреќниот настан се огласија и политичарите, порачувајќи дека гневот на јавноста е разбирлив и оти секој во системот мора да ја понесе својата одговорност. Владејачката ВМРО-ДПМНЕ најави дека следната недела ќе се одржи јавна дискусија за законски измени со кои ќе се заостри казнената политика во сообраќајот.
На осомничениот за смртта на Фросина, 20-годишниот В.Ј, вчера му е одреден притвор од 30 дена, а според Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, тој на 29 јануари, поминувајќи на црвено светло, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја прегазил Кулакова која на обележан пешачки премин ја преминувала коловозната лента на бул. „Партизански Одреди“.
– Судија на претходна постапка во текот на вчерашниот ден, по произнесување на Јавниот обвинител и осомничениот В.Ј., го прифати предлогот и на обвинетиот му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165. Ст.1. т.1, 2 и 3 односно Опасност од бегство, Попречување на истрагата со влијание врз сведоци и опасност да го повтори делото, информираа вчера од Основен кривичен суд Скопје.
Осомничениот има претходни кривични дела. Против него претходно имало пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за сообраќајна незгода во која едно лице се здобило со полесни повреди. Осомничениот бил во притвор, а потоа Основниот кривичен суд Скопје одлучил да му изрече воспитна мерка упатување во воспитно поправен дом, укинувајќи ја притворската мерка.
Comments are closed for this post.