Македонија се рангира пред седум земји членки на Европската Унија според куповната моќ на минималната плата, покажува најновата анализа на Euronews за минималните примања во Европа.

Иако номиналниот износ на минималната плата во земјава е понизок од оној во поголемиот дел од ЕУ, анализата покажува дека поради пониските трошоци за живот нејзината реална вредност е значително повисока. Според пресметките направени во стандарди на куповна моќ (PPS), минималната плата во Македонија достигнува 1.142 PPS.

Со овој резултат, Македонија е пред седум земји членки на Европската Унија – Малта, Естонија, Чешка, Словачка, Летонија, Унгарија и Бугарија, што значи дека минималната плата во земјава овозможува поголема реална куповна моќ отколку во овие држави.

Воедно, Македонија е и пред Србија, која е рангирана со 1.094 PPS, што ја позиционира меѓу подобро рангираните земји од регионот според реалната вредност на минималната плата.

Анализата на Euronews ги споредува минималните плати не само според нивниот номинален износ, туку и според нивната реална куповна моќ, односно колку производи и услуги може да си дозволи еден работник во секоја земја. Токму според овој критериум, Македонија остварува подобар резултат од повеќе земји во Европската Унија.