Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка Правда за штедачи на 7 мај до премиерот поднесе барање за разрешување на министерот за финансии Фатмир Бесими по повод постапката пред Уставен суд за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки. На 20 април пред одлучувањето на уставните судии Бесими им порачува на судиите дека „утре решавате за стабилноста на целиот финансиски систем”.

Здружението смета дека министерот во овој случај ги пречекорил надлежностите и овластувањата, дека е дојдено до загрозување на темелните вредности на уставниот поредок преку непочитување на владеењето на правото и поделбата на власта на извршна, законодавна и судска, дека министерот неовластено и недозволено се меша во работата на судската власт и загрозување на нејзината самостојност и независност. За штедачите ова е очигледна манифестација на непослушност кон премиерот, што се граничи со несериозност и неодговорност во вршењето на функцијата, но и со загрозување на работата на Владата како колективно тело, со своја хиерархиска поставеност.

„Во текот на постапката пред Уставниот суд, Министерството за финансии и министерот Бесими лично, извршија отворен притисок врз Уставниот суд и мешање во неговите надлежности. Тоа се случи во доцните вечерни часови на 20 април кога на порталот 360stepeni.mk беше лиферувана порака до Уставниот суд лично од министерот, во која им порача на уставните судии дека „утре решавате за стабилноста на целиот финансиски систем”.

По кратко време, некој од министерството веројатно увидел дека бил направен опасен преседан на притисок врз уставните судии, па беше направена корекција, дека, всушност, „финансии го бранат статусот на фондот за осигурување на депозити”, што во суштина не го менува фактот дека Министерството за финансии, на јавна сцена, отворено и без скрупули, изврши притисок врз Уставниот суд да одлучи негативно по поднесената иницијатива за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки.

Со ваквиот потег, очигледно е дека министерот Бесими направил недозволено мешање во работата на уставните судии и дека, всушност, место да го брани статусот на Фондот за осигурување на депозити, тој го загрози статусот на Уставниот суд како орган на Републиката што ја штити  уставноста и законитоста. Тоа е доволна причина министерот Бесими да поднесе неотповиклива оставка од функцијата што ја извршува“, бара здружението Правда за штедачи.