Корекција за растот на македонската економија од 3,2 на 2,3 проценти направи Народната банка на Република Македонија во есенската ревизија на макроекономските проекции споредено со проекциите во април. Покрај завршување на годината со раст од 2,3 проценти, за следната година НБРМ прогнозира раст од 3,5 проценти, а за 2020 година од 3,8 проценти.
Во периодот на проекции се очекува постепено закрепнување на домашната економија по стагнацијата со која се соочивме во 2017 година, при оценет раст на БДП од 2,3 проценти во 2018 година и постепено натамошно забрзување на растот во натамошниот период и достигнување на одредени солидни стапки на раст во 2021 година од 4 отсто, рече денеска на прес-конференција гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска Бежоска.
Надолната корекција е одраз на послабите остварувања во првата половина од година кога очекувавме економски раст од 3,3 проценти, а остварувањата се 1,6 проценти, при што најголемото отстапување е во сегментот на инвестициите.
Оттаму и во натамошниот период претпоставката која што ја вградуваме за ревитализирање на инвестициите и натаму е главниот пункт на ризик за периодот на проекција исто како и во априлската проекција. Во третиот квартал годинава кај државните капитални инвестиции се уште има пад, но е значително понизок од падот во вториот квартал, ако го гледаме вкупниот индикатор на вкупно извршени градежни работи не се расположливи целосни податоци за целиот квартал и имаме расположливи податоци за само два месеци кои упатуваат на натамошен пад во споредба со вториот квартал кога имаше благ раст на извршените градежни работи, рече Ангеловска Бежоска.
Србија расте со 4,2 отсто
Европската банка за обнова и развој ја зголеми прогнозата за раст на бруто-домашниот производ на Србија за 2018 година за 1,3 процентни поени, од 2,9 отсто, во мај на 4,2 отсто.
Во најновиот извештај објавен денеска на оваа финансиска институција,банката ја задржа прогнозата за економски раст на Србија за 2019 година на претходно утврденото ниво од 3,5 проценти.
ЕБРД нагласува дека „по скромниот раст во 2017 година (2,0 проценти), економијата во првата половина од 2018 година, бележи експанзија од 4,9 отсто пред се поради зголемената домашна побарувачка и првенствено зголемениот број инвестиции“.
Comments are closed for this post.