Неодамна Владата се закани или не знам, можеби се пофали, дека ќе ја продава АД Македонски пошти, а клучната причина е што АД Македонски пошти со години наназад бележи големи загуби во нејзиното работење, пишува Воислав Зафировски.
Неговата колумна објавена на ДЕНЕШЕН, ви ја пренесуваме во продолжение:
А како да не бележи загуби кога Македонски пошти веќе повеќе од петнаесет години е усмрдено партиско дувло на ДУИ, во кое наместо реформи, се’ се тера по старо, не баре живееме во времето на етатизмот, се трупа партиски административен кадар, а поштари нема; поштенските пратки доцнат; со финален ревизорски извештај се констатира дека партиските членарини од членовите на ДУИ, се задржувани од нивната плата и префрлани на партиската сметка на ДУИ, што е нон сенс; некој направи и добар филателистички скандал објавувајќи поштенска марка со границите на озлогласената НДХ (од што некои ликови извлекоа и сериозна добивка, бидејќи за една таква марка, на пазарот некои плаќаа и по 10.000 долари, а никој не објави податок за тоа колку примероци од марките се продадоа пред нивното повлекување од пазарот); пазарот со пакетни пратки со забрзано темпо го губат, бидејќи него го освојуваат приватните лиценцирани поштенски оператори; да потсетам и на тоа дека некој ја запали административно управната зграда на Македонски пошти; се пљачкаа пари наменети за пензионерите, кои искрено кажано без крт од внатре никогаш не би можело да се случи, а до денес одговорност за никого нема.
Може ли некој да си претпостави како е возможно некој што располага со најраспространета сопствена мрежа на пошти на територијата на целата држава, со соодветна логистика и искусен кадар, полека, но сигурно да го губи поштенскиот пазар, а наспрам нив, приватните поштенски оператори да нудат подобра, поразновидна, побрза и поквалитетна услуга, следејќи ги трендовите на пазарот, особено на брзиот раст на е-тргувањето?!
Надлежниот регулатор, Агенцијата за пошти упорно со години укажува на слабостите во функционирањето на АД Македонски пошти, но надлежното министерство за транспорт и врски и владата како доминантен сопственик, остануваат глуви и со прст не мрдаат нештата да се променат.
Очигледно нешто не е во ред.
Но, да се вратиме и во не така далечното минато, кога најнапред се продаде Македонски телеком, а потоа и мрежата за дистрибуцијата на електричната енергија.
Состојбата во двете компании не се разликуваа многу од оваа во која се наоѓа АД Македонски пошти.
Загуби, превработеност со партиски неспособни послушници и еден дежурен крунски изговор заради кој владата одлучила да ги продаде компаниите, изговор што се ширеше како фама и во кој многумина веруваа – во средините населени со доминантно Албанско население наплатата тешко се одвива или воопшто ја нема. Демек, заради тоа биле загубите и друго чаре нема, мора да се продадат, да се приватизираат – БОМБОНА БИЗНИС!
Дојче телеком го купи Македонски телеком; австриски ЕВН ја купи мрежата за дистрибуција на електрична енергија и нештата преку ноќ се променија. Истатите тие непрофитабилни станаа едни од најпрофитабилните компании.
Обете остваруваат милионски суми евра профит. Чесно е да се каже дека инвестираа во докапитализација на компаниите. Тие денес се едни од најголемите донатори на крупни настани од различни културни, спортски и друг вид општествено сфери во Македонија, но и покрај тоа секоја година без исклучок, делата високи износи на дивиденда на своите акционери, а вработените во тие компании се меѓу најдобро платените во Република Македонија.
Ова значи дека фамата и изговорот за неможноста да се наплатат сметките за потрошена електрична енергија во средините населени со доминантно Албанско население како причина за загубите и повод за нивната продажба, паѓа во вода.
Како може приватна фирма да изврши наплата, а државата да не може тоа да го стори?! Тоа едноставно не е логично!
Да се вратиме сега кај Македонска пошта.
Пред десетина години беше направена физибилити студија за модалитетите за продажба на АД Македонски пошти. Се сеќавам дека во неа учествуваше и Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за пошти, за тоа говореа и медиумите, а тој процес го менаџираше една високо реномирана странска фирма (не се сеќавам точно која), и финалниот документ го предаде во надлежното Министерство за транспорт и врски. Физибилити студијата таму и остана, верувам дека таа чека да се најде некој писмен што нешто разбира и истата и да ја прочита.
И покрај тоа што во тоа време Канадската пошта беше заинтересина да ги купи Македонски пошти, така барем велеа тогашните авторитети, до тоа не дојде.
Значи, експертска независна физибилити студија за модалитетите за продажба на АД Македонски пошти во архивата или во нечија фиока во Министерството за транспорт и врски има.
Меѓутоа, денес за дополнително да се извлечат хонорари, се ангажира трочлена работна група сочинета од партиски мувала на ДУИ, кои патем кажано и ја доведоа Македонска пошта до ова дереџе, да изработи нова физибилити студија за модалитетите за нејзина продажба. Велам партиски мувала, бидејќи во составот на групата е и актуелниот директор Ејуп Рустеми, кој наместо да ја менаџира Македонска пошта во овие исклучително тешки моменти за неа и целото Македонско стопанство, тој ќе треба да работи на студија за модалитетите за нејзина продажба. Ајде ви се молам, многу глупаво, провидно, бидејќи преку дилетантизмот од далеку се отсликува намерата на владата.
Ваквиот став на Владата го разбирам само како не сериозен обид да замачкаат очи на Европската комисија дека ете како нешто работат, без сериозна намера да го продадат загубарот Македонски пошти и да искамчат време од уште година или две за целосно да не го либерализираат поштенскиот пазар во Македонија. Ако во тој процес нешто тргне наопаку, виновниците од сега се познати, не е владата што повлекла ваков глупав потег, труку триото фантастико од ДУИ.
Се прашувам, кој нормален очекува од тие што ја турнале Македонска пошта во дупка, сега да направат квалитетна физибилити студија за модалитетите на нејзината продажба и таа стварно да биде продадена…и кому?!
Ајде да ѕирнеме како е во соседството. Со оглед на тоа дека е во најава дека Словенечката пошта е заинтересиран купец, да ја прокоментираме токму неа.
Република Словенија како членка на ЕУ, е сопственик на Словенечката пошта.
Патем да напоменам дека добар дел држави од ЕУ ги немаат приватизирано националните поштенски оператори, кои се третираат како критична инфрастриктура заштитена со посебен закон и се институции кои во одредени случаи користат и државна помош.
Од податоците кои можат да се најдат на веб страната на Словенечката пошта, произлегува дека таа одлично работи, услугите кои ги нуди се разновидни, квалитетни, а доставата е една од најбрзите во Европа и пошироко. Сето тоа Словенечката пошта го остварува во услови на целосно либерализиран поштенски пазар и тоа што “изненадува” е фактот што поштата работи со добивка, а во услови на пандемија со Ковод 19, поштата беше единствената вистинска, непосредна врска меѓу стопанските субјекти, физичките лица, институциите и останатите правни субјекти, обврска која безпрекорно и успешно си ја заврши и се’ уште ја извршува.
Од тука се поставува едно многу логично прашање – кому му падна на памет да тврди дека државата е лош стопан, кога има бројни примери во кои државата е одличен стопан (Словенечка пошта; Чешкото електростопанство…)?!
Најверојатно на некој партиски морон (без разлика од која партија е тој), кој сопственото не знаење, не стручност и не способност, како и лошите политики на стопанисување со националните ресурси ги покрива со изнаоѓање на “мудри” политички изговори, кои пословично се глупави и не прифатливи, бидејќи говорат за тоа колку и кои се не способни луѓе ја воделе и ни ја водат државата!
Токму заради тоа и заклучокот НЕ ДРЖАВАТА, ТУКУ ЛОШАТА ДРЖАВА МОЖЕ ДА БИДЕ ЛОШ СТОПАН на критичната инфраструктура и капиталните капацитети со кои таа располага!
Во нашиов случај, заклучокот е едноставен – МАКЕДОНИЈА Е ЛОША ДРЖАВА, РАКОВОДЕНА ОД НЕ КАДАРНИ ПОЛИТИКАНТИ И КАКО ТАКВА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОБАР СТОПАН НА СЕ’ ОНА СО ШТО ТАА РАСПОЛАГА!
Верувајте, искрено би сакал да грешам, но….
Comments are closed for this post.