Вкупно 368 домашни компании продолжуваат во процесот на финална селекција на Јавниот повик за комерцијализација на иновациина Фондот за иновации и технолошки развој. Проектите на компаниите што ја поминаа фазата на претселекција, ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции – независно тело составено од тим од пет странски експерти кое ќе ја донесе финалната одлука на кои предлог проекти ќе им биде одобрена финансиска поддршка.
Од 368 компании, 162 се микро, 181 мали, а 25 средни. Повеќе од половината од компаниите се регистрирани во главниот град, додека останатите се распоредени низ 30 општини од целата земја, меѓу кои и Гостивар, Охрид, Куманово, Свети Николе, Делчево, Ново Село, Валандово, Крива Паланка и Вевчани. Најголем дел од нив се од ИТ индустријата, по што следат технолошкиот и здравствениот сектор, текстилната/кожна индустрија, земјоделието, а има и предлог проекти за примена на иновации во машинското инженерство и туризмот, велат од ФИТР.
Вкупниот обем на планирани инвестиции кај овие компании е над 87 милиони евра, од кои 67 проценти или над 58 милиони евра се побарано учество на Фондот, додека 33 проценти или околу 29 милиони евра се сопствени средства кои апликантите планираат да ги вложат во домашната економија. Иницијално предвидениот буџет за овој јавен повик е пет милиони евра, со што аплицираниот износ се надминува за речиси 12 пати.
Овие рекордни бројки и огромниот интерес на компаниите на јавните повици на ФИТР, претставуваат јасен знак на доверба во процедурите и инструментите на Фондот. Истовремено, ова е уште еден показател дека домашните компании имаат потреба од финансиска поддршка и се подготвени да инвестираат и сопствени средства во развој и иновации – оценуваат од Фондот за иновации и технолошки развој.
Во фазата на претселекција учествуваа 455 компании, за чија евалуација беа ангажирани 95 надворешни стручни лица во 22 економски дејности. Секоја апликација се разгледува од три стручни лица одделно, а проектите кои добија минимум 51 поен во просек, преминуваат во финалната фаза.
Сите проекти се оценуваат согласно дефинираните критериуми: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.
Јавниот повик се реализира во рамки на Планот за економски раст на Владата, во чие финансирање од оваа година се вклучи и Светската банка како финансиски партнер.
Comments are closed for this post.