Во Министерството за финансии се заговара воведување на кризен данок, по примерот на воениот данок во 2001 година, тврди денес опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
– Ова значи плаќање на дополнителен процент данок на буквално секоја финансиска трансакција. Тоа значи дека кога секој граѓанин ќе купува нешто или ќе плаќа сметка, ќе плаќа допонителна сума, процент од сметката на Владата. На овој начин Владата на Зоран Заев става рака во џебовите на сите граѓани во државата и влијае на нивно дополнително осиромашување, покрај вртоглавиот раст на цените на прехрамбените производи, горивата, како и најавата за ново поскапување на електричната енергија.
Дека има ваква иницијатива, потврди и вицепремиерот Фатмир Битиќи кој рече дека не е исклучена ваквата можност, како и дека и претходно сме имале кризен данок во 2001 година, таканаречен воен данок, поради високиот дефицит во буџетот.
Претходно Владата преку научна конференција на Министерството за финансии и МАНУ, пушти пробен балон во јавноста за зголемување на даноците. Академикот Таки Фити, татко на советничката на премиерот Нина Фити и член на ЦО на СДСМ, советуваше Владата да ги зголеми даноците и тоа прогресија на персоналниот данок, на данокот на имот и воведување на нов еколошки данок. Наскоро Македонија од земја со најниски давачки, ќе стане земја со највисоки давачки во регионот, што ќе се одрази на конкурентноста на економијата. Истовремено, остануваме земја со највисока стапка на сива економија од над 37% – бидејќи има бели мечки за кои законите не важат.
Во меѓувреме, Македонија од крајот на 2019 досега, односно за година и пол го зголеми јавниот долг за неверојатни 1,63 милијарди евра. Секоја година Владата почна да издава еврообврзници од по 700 милиони евра, за кои плаќаме десетици милиони евра годишно само по основ на камата. Министерот за финансии најави дека ќе го проширува буџетскиот дефицит, односно дека првично планираниот минус во државната каса од 570 милиони евра, ќе стане уште поголем. Најверојатно ќе издададат и нова еврообврзница за да се покрие ова проширување на минусот, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.