Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека најавената инвестиција на фирма од Луксембург, која ќе се занимава со согорување отпад во Тиквешијата, е сомнителна затоа што доаѓала токму од земја која е позната по офшор-фирмите.
Покрај тоа, опозицијата обвинува дека ова ќе биде штетно и од еколошки аспект бидејќи ваква фабрика кај Неготино ќе донесе и енормно загадување.
„Да биде овој бизнис уште посомнителен, наведениот инвеститор што го најавува Заев е од Луксембург, земја позната по офшор-фирми со сомнително сопствеништво кое е скриено за јавноста. Офшор-компанија во комбинација со Заев е рецепт за корупција и еколошки злостор. Ова, како и за многу други добри зделки на Заев, мириса на провизии и криминал, се разбира на штета на народот. Во ситуацијава на штета на граѓаните на Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман и соседните општини. Нив ги прелажа, а сега се заканува да им ја загади земјата од која живеат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, пак, кога премиерот Зоран Заев го презентираше Интервентниот план за инвестиции (ИПИ) и рече дека станува збор за согорување отпад на еколошки начин, односно без кислородно согорување, без оџак.
Тој рече дека со инвеститорот од Луксембург се преговара веќе 7-8 месеци, инвестицијата би чинела 336 милиони евра, а ќе опфаќа обработка на отпад од дури 48 општини и ќе претставува трајно решение за справувањето со сметот од 74 отсто од територијата на државата.
„На неа (инвестицијата) ѝ претходат сепарациски опреми за примарна селекција на отпадот. Инвестицијата содржи 100 комунални возила за собирање смет, изградба на 11 збирни претоварни станици, дополнително 11 збирни потстаници, 6 000 метални и пластични контејнери, асфалтирање на патна делница од 5 километри во село Дуброво и е на територијата на Општина Неготино. Опфаќа 4 од вкупните 8 плански региони со можност да се прошири кон полошкиот, скопскиот регион затоа што кумановскиот и штипскиот (источниот) се решени со грант од ЕУ“, рече Заев во саботата.
Comments are closed for this post.