Уставниот суд на 25 мај годинава ќе расправа за иницијативата за оцена на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, соопштија денес подносителите на иницијативата, здружението „Правда за штедачи” кое ги застапува интересите на оштетените физички и правни лица во Еуростандард банка во стечај.
Од таму велат дека ја поздравуваат одлуката Уставниот суд, да го почитува деловничкиот рок, да закаже и да одржи седница по предметот за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки на 25 мај, имајќи во предвид дека, по однос на спорната одредба, беше поведена постапка за оценка на уставноста на седницата одржана на 21 април.
„Одржувањето на седницата е логичен след на текот на постапката за мериторно одлучување по поднесената иницијатива бидејќи се работи за прашање кое е веќе во доволна мерка елаборирано и аргументирано, дури и на јавна сцена. Од друга страна, по изнесеното издвоено мислење од четирите судии, повеќе не постојат причини за понатамошно одолговлекување или пролонгирање, бидејќи се изнесени многубројни аргументи за оценка на уставноста, не само преку законската регулатива и уставните одредби во домашното законодавство, туку и преку компаративна анализа од кои може да се согледа проблемот од поширок аспект – европски и регионален“, се вели во денешното соопштение на „Правда за штедачи“.
Прашањето за (не)уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки е доволно аргументирано и разјаснето од повеќе аспекти, и поради тоа создадени се услови за мериторно одлучување по однос на поднесената иницијатива пред Уставниот суд, велат од „Правда за штедачи“ и додаваат дека со одлуката што треба да ја донесе Уставниот суд, ќе стане многу појасен статусот на депонентите – физички и правни лица во банкарскиот систем на државата.
Имено, со одлуката што ќе ја донесе Уставниот суд по однос на поднесената иницијатива ќе биде јасно дали ќе биде зајакната позицијата на депонентите – физички и правни лица или ќе остане сегашната поставеност каде е максимално зајакната позицијата на банките и нивните профити“, се вели во соопштението.
Од Здружението „Правда за штедачи“ велат дека во Еуростандард банка, во стечај, останале заробени парични средства на околу 700 физички лица и околу 2.000 правни лица, или повеќе од 3.000 семејства.
Од таму додаваат дека одлуката на Уставниот суд ќе биде значајна и од аспект на итниот каратер на стечајната постапка за Еуростандард банка, но и за опасноста за конкретна штета на доверителите во стечајната постапка доколку постапката не заврши до 31 мај и се случи престанок на мандатот на тројца уставни судии заклучно со овој датум, по што ќе треба да се чека избор на нови уставни судии.
Comments are closed for this post.