Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски денеска истакна дека проблемите со финансирањето на локалната самоуправа односно општините е евидентен.
Според него тоа е проблем кој се провлекува години наназад, но својата кулминација ја доживува секогаш кога СДСМ е на власт.
-Имено, централната власт т.е. Владата заглавени во својата безидејност и неработа во 2018 година префрлија 50 милиони евра на општините кои имаа неплатени долгови. На крајот на трет квартал 2018 година, општините и локалните установи должеле 97 милиони евра. Логично е денес по исплатата на тие средства долгот да се намали, а општините да работат поодговорно. Но градоначалниците на СДСМ се генератори на неплатени обврски, а фирмите со години чекаат исплата. Па така согласно извештајот од Министерството за финансии две години подоцна, односно септември 2020 година општините должат 70 милиони евра. За две години градоначалниците од СДСМ креирале нови обврски кои се неплатени во износ од 23 милиони евра или зголемување од речиси 50%. Сега пред нас имаме група на закони кои наводно треба да го олеснат финансискиот аспект на локалната самоуправа. Велам олеснат, а не решат, затоа што ова се ад хок решенија како и отплатата на 50% од долговите. Имено, владата предлага 4,5% од наплатениот просек на ДДВ од изминатите три години да се префрли на општините во 2021 години, наспроти актуелното решение 4,5% од ДДВ за 2020 година, истакна на денешната прес-конференција тој.
Стојаноски посочи дека согласно ваквото решение сите 80 општини и градот Скопје ќе поделат вкупно 36 милиони евра, наместо 34 милиони евра.
-Но ниту со овие дополнителни 2 милиони евра нема да се реализираат ветувањата кои ги дадоа градоначалниците на локалните избори. Ветуваа базени во секој град, нови училишта и градинки, нови булевари, асфалтирања на сите улици и патишта, канализација итн. Ништо од ова се нема реализирано, ниту пак има подобрување на општинските услуги, а тоа најдобро го знаат граѓаните. Покрај овој закон, пратениците од мнозинството предлагаат законски измени со кои општините ќе може да ги предимензионираат своите буџети за 50% повеќе отколку во изминатите години. Поради ваквите неразумни предлози градоначалниците се однесуваат како локални шерифи и на грбот на граѓаните прават високи сметки за кафани, си купуваат нови возила, вработуваат партиски послушници, делат тендери на блиски. Ако Заев и СДСМ сакаат да стават крај на локалните шерифи, предлог законот за финансирање на единиците на локална самоуправа поднесен од пратениците од мнозиството веднаш да се повлече.Дополнително загрижувачки е што власта знаејќи ја неспособноста на своите градоначалници им овозможува зголемување на Буџетите на товар на граѓаните. Веќе од 1.1.2022 се најавени покачувања на даноците на имот. Условно речено, наместо општините да работат на подобрување и проширување на опфатот на даночните обврзници во базите, како и подобрување на наплатата на локалните даноци, Власта повторно наоѓа начин како пред-изборно да им овозможи на Градоначалниците со манипулации да ги задолжат општините за непродуктивни трошоци. Со тоа, ќе бидат казнети оние граѓани што плаќаат, а пак оние кои со години избегнуваат да влезат во базата на податоци на општините или пак да им се направи реална проценка на вредноста на имотот нема да имаат никакви обврски, вели Стојаноски.
Comments are closed for this post.