Словенија е прва, а Македонија веднаш зад неа според квалитетот на услугите, љубезноста и познавање на тоа што се нуди на купувачите и гостите, покажува истражувањето на „Регионални услуги – ГЕСТ“ кое го спровела агенцијата „Хераклеа“.
Станува збор за 11-то истражување на квалитетот на услугите во регионот, во кое се опфатени Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.
Истражувањето е спроведено во јуни оваа година, а тајните купувачи во сите земји вкупно посетиле 800 продажни места од различни дејности – автосалони, банки, бензиски пумпи, супермакети, туристичко-угостителски објекти и објекти од услужни дејности со цел откривање кој има најдобра услуга во регионот.
Притоа, биле мерени основните елементи на добра односно квалитетна услуга како: утврдување на потребите, желбите на купувачите, познавањето на производите, нудењето дополнителни производи, како и заблагодарување на посетата, а сето тоа според стандардите на акронимот од англискиот збор „GUEST“ (гостин), односно „Greet, Understand, Explain, Suggest, Thank“.
Најдобра услуга оваа година има Словенија, чии резултат 83,4 отсто е за речиси 8 поени подобар отколку минатата година. На второ место е Македонија, со резултат од 83,1 отсто.
Хрватска е трета со 75,1 отсто, додека земја во која има најмногу за работа во полето на унапредување на квалитетот на услугите е Црна Гора, која годинава има резултат 55,1 отсто и е во пад за 15,4 постотни поени во однос на 2018 и е на последно, шесто место.
Пад на листата бележи и Србија, од 4,2 поени, со резултат 70,5 отсто.
Comments are closed for this post.