Синдикатот на „Македонска пошта“ бара зголемување на платата за 10 проценти и враќање на бодот којшто, според нив, е намален пред 12 години. Бараат и пролонгирање на либерализацијата на поштенскиот пазар и итна средба со премиерот за решение за нивните барања.
Претставници на Синдикатот денеска на прес-конференција истакнаа дека во изминатите неколку месеци имале интензивни разговори со Управниот одбор на компанијата, но оти не успеале да најдат соодветно решение.
Долгогодишното барање за зголемување на платите се темели на фактот што повеќе од 30 години ниту за еден денар не се зголемија платите во „Македонска пошта“, а незадоволството кај вработените е поголемо со намалувањето на вредноста на бодот пред 12 години, изјави претседателот на синдикатот Боро Велигденов.
Покрај покачувањето на платата, вработените бараат да им се набави и работна облека, која, според нивните кажувања, не е набавена повеќе од 10 години.
Сметаат дека либерализацијата на поштенскиот пазар треба да се пролонгира до приемот на државата во Европската унија со образложение дека доколку се влезе во овој процес, дополнително би се влошиле состојбите на вработените.
Comments are closed for this post.