Штипските таксисти бараат зголемување на цената на такси услугите за цели 60 проценти. Оваа одлука е донесена на последниот состанок на Здружението на авто-такси превозници.
Претседателот на здружението на авто-такси превозници, Глигор Арсов вели дека имаат предлог за три тарифи.
Предложено е 80 денари стартот до два километри, а 25 денари е секој нареден километар, оваа е дневната градска тарифа. Додека ноќната треба да биде 100 денари, бидејќи работиме со помал капацитет. Значи со околу 30 проценти од возилата, вели Арсов.
Штипските такси превозници се уште ја немаат формирано меѓуградската тарифа, а во која, како што вели Арсов, треба да се вклучат и трошоците за патарини и платениот паркинг низ Скопје или на аеродромот во Скопје.
– Ова е резултат на неколкугодишно покачување на цените на основните средства за работа, како што се нафтените деривати, плата, придонеси, резервни делови и се друго, рече Арсов.
Во моментов стартната цена на такси услугите во Штип е 50 денари. Овој предлог ќе го достават до Одделението за комунални дејности во Општина Штип, но и до Советот на Општина Штип, кои треба да се произнесат за нивниот предлог.
Comments are closed for this post.