Министерството за труд и социјална политика подготвува нов Закон за работни односи, но засега не се знае дали со него ќе се реши проблемот со спорните спогодбени откази. Имено, не секогаш спогодбенито решение го потпишува и работникот бидејќи во добар дел од случаите има фиктивна спогодба направена од несовесен газда. Во случај на таков отказ, работникот не може да добие помош од државата при пријавување во Агенцијата за вработување. Од Министерството за труд и социјала велат имало случаи кога уште во моментот на вработувањето работникот потпишува празен лист, кој потоа фирмата го искористила за лажен спогодбен отказ.
Спогодба треба да се потпишува на денот на престанокот на работниот однос и истата да содржи своерачно напишано име и презиме на работникот и работодавачот, своерачно напишан датум на престанокот на работниот однос од работникот и работодавачот и своерачни потписи на работникот и работодавачот“, велат од Министерство за труд и социјална политика.
Освен тоа, спогодбата мора да содржи и одредба за последиците кои ќе настанат за работникот околу правата за осигурување во случај на невработеност. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека ваквите фиктивни спогодбени договори најчесто се случуваат во фирми кои немаат сопствен синдикат. Од Агенцијата за вработување пак, ни соопштија дека тие немаат надлежност да проверуваат кој како го изгубил работното место.
Ако одредено лице смета дека во делот на одјавата не е искажана неговата волја, надлежен орган е трудовиот инспекторат којшто прави увид во предметите кај работодавачот кој што е должен да ги има во досието на лицето што било вработено кај него“, рече Билјана Јовановска директорка на Агенција за вработување.
Но, освен наводните спогодбени откази, како еден од поновите големи проблеми кои се случија на релација работодавач-работник беше и неисплатата на државната помош. Неа многу фирми ја добија за своите работници, но дел од нив решија парите наместо да им ги префрлат на вработените, да си ги задржат за себе. Овој случај сега е во рацете на обвинителството. Работодавачите велат дека добар бил предлогот на синдикатите во иднина парите да се префрлаат на сметките на работниците, но велат дека тоа би бил подолг административен процес.
Ќе треба да се менува закон. Па тој закон да предвиди дека дел од платите или платата ќе треба да ја исплати на работниците во компаниите, а тоа мора да биде со персонален данок, а не со платени социјални придонеси. И тука може да се направи една таква „каша“ по која ќе се изгубиме и не ќе можеме да го контролираме тоа“, рече Миле Бошков претседател на Бизнис Конфедерација.
Инаку, последните официјални податоци покажуваат дека од почетокот на пандемијата пролетта, бројот на невработени пораснал за над 43 илјади. Во моментов вкупниот број надминува 150 илјади лица.
извор Алсат.мк
Comments are closed for this post.