Најмалку две компании се заинтересирани за изградба на првиот дел од автопатот Скопје – Блаце на повторениот тендер, што трае до 29 месецов, и има време да се пријавуваат, информира денеска премиерот Зоран Заев.
Тој истакна дека ова прв е приоритет за изградба и оти очекува тендерската постапка да успее, откако на претходната што беше поништена имаше само една понуда која го надмина предвидениот буџет за таа јавна набавка.
-Апелиравме до соседните земји, до домашните компании да се јават сите нивни градежни компании. Верувам дека овој пат ќе успее тендерската постапка која што завршува во втората половина на ноември. Не ни треба нешто посебно да чекаме, зима да помине или не, можеме од декември и во јануари веднаш ако се заврши жалбената постапка и потпише договорот да се почне првиот дел на делницата Скопје – Блаце. Целта беше да се почне првиот дел, а додека се гради првиот дел веднаш да биде објавен и вториот дел за којшто очекуваме некаде февруари, март, април да биде објавен вториот тендер за да може да почне изведба и на останатите 9,7 километри, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања.
Немаме, дополни, друг автопат за градење во државата, завршува Кичево – Охрид, сериозно работиме на проектната документација со ЕБРД за новото автопатско решение Гостивар – Кичево, се градат експресните и регионалните патишта во државата, дефинитивно ова е прв приоритет за изградба и верувам успешноста на оваа втора постапка.
Според директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, за Скопје – Блаце има многу поголем интерес од претходно и очекува до истекот на тендерот да има добри понуди. – Потоа ќе следи евалуација од пет до седум дена и разгледување на документацијата. Десет дена има рок на жалба и изведувачот се воведува во работа. Во меѓувреме додека ова се работи се проектира останатиот дел, каде што има тунели, мостови, вијадукти. Верувам дека додека се гради првиот дел, ќе заврши проектирањето на вториот дел веднаш ќе се тендерира и континуитетот на градење ќе се продолжи и ќе заврши, рече Китанов.
Автопатот, во вкупна должина од 12,5 километи, од кои првиот дел од два километра, ќе чини 110 милиони евра, а треба да биде изграден до 2023 година
Comments are closed for this post.