Сите да се вклучат во развој на економијата и нејзино прилагодување на европскиот пазар, да се искористи поволниот политички момент, да продолжат реформите во администрацијата, да се подобрат стандардите и конкурентноста на компаниите, државата да го помогне растот на индустријата. Тоа се дел од пораките упатени на регионалната конференција „Националната економија во пресрет на ЕУ – предизвици и искуства“, што се одржува денеска во организација на Сојузот на Ротари клубови во државава.
На конференцијата се дебатира за искуствата на државите во регионот и предизвиците со кои се соочиле нивните економии во пресрет и по влезот во ЕУ, потенцијалот за раст и ризиците на домашната економија, како и за енергетиката ако стратешки економски сектор .
Храброста , знаењето и креативноста во постигнувањето на договорите со соседите Бугарија и Грција и на стабилизирање на работите дома имаат смисла и вредност ако еднакво се искористи креативноста знаењето и храброста на деловните луѓе и граѓаните за тоа да може да донесе полза и перспектива во периодот што претстои пред нас, рече на отворањето на конференцијата премиерот Зоран Заев.
Со стекнување полноправно членство во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ, дополни, следи период со големи придобивки за граѓаните и за економијата. – Нашите компании имаат можност да ги пласираат своите производи и услуги секаде на европскиот пазар со 500 милиони потрошувачи. Затоа треба да постои свеснот и подготвеност за сите предизвици што не очекуваат и да работиме на подобрување на стандардите и конкурентноста. Владата е тука да го промени тој процес преку низа мерки за поддршка и развој на конкурентноста со Планот за економски раст, рече Заев.
Тој истакна дека се спроведуваат потребните реформи за адаптирање на економијата во ЕУ и оти слаба карика е јавната администрација којашто треба да биде поефикасна и попрофесионална.
Според претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров, проблемот за состојбите во економијата неможе да се адресира само кај еден сектор како јавната администрација. Главна задача во развојот на економија, оцени, треба да биде индустријата, чие сегашно учество од 11,9 проценти во БДП не може да даде повисоки стапки на развој.
Од 2001 до 2017 година имаме просечна стапка на развој од 2,7 проценти на БДП по жител, многу понискко и од Албанија каде е 4 проценти и од Бугарија каде е 3,7 проценти. Не сме успеале со реформите. Индустријата е уништена. Учеството на индустријата од 11, 8 проценти во БДП неможе да даде повисоки стапки на развој, оцени Димитров.
Сите држави, дополни, главниот развој го темелат на државна помош. Владиниот План за економски раст, смета тој, е само знак дека државата има добра намера да работи во вистински насоки затоа што единствен начин да се подобри ефикасноста на нашите компании е да инвестираме во нови технологии и знаења.
Не сме способни сами да генерираме такви технологии и знаења и можеби тука се направи грешка со тоа што се даде големо учество на иновации, иако Владата вели дека тоа не е само за иновации туку и за технолошки развој каде се добиваа одредени грантови за кои потоа се виде дека има одредени сомнителни работи, додека за целата друга индустрја субвенциите од државата се сведоа на 10 проценти, изјави Димитров.
Зоран Тодоров, координатор на Сојузот на ротари клубови на Северна Македонија, потенцираше дека фокус на нивното работење годинава е економијата.
Се обидуваме мостовите што ги имаат ротари клубовите во Северна Македонија да се искористат за подобрување на позициите на нашите стопанственици и на нашата држава. Доколку работиме сите заедно ги искористиме и искуствата на другите држави при влезот во ЕУ можеме полесно и побргу да дојдеме до позиција во која што ќе има бенефиции за сите граѓани
Comments are closed for this post.