Работни места има, меѓутоа нема кадар кој соодветно може да ги пополни тие места, сметаат од приватниот стопански сектор. Ваквата состојба велат им преставува секојдневна болка во нивното работење. Дел од предлозите се Агенцијата за вработување да ги обврзува барателите на работа на практикантство и обуки, или во образовниот систем на државата да се воведе таканаречено дуално образование.
Ние луѓе бараме, висок е процентот на невработени, но не ги наоѓате, или ако ги најдете ќе се појават еден месец и ќе ви речат дека не се пронаоѓаат во работата, вели Трајан Ангеловски, стопанственик од Скопје.
На иста линија со стопанствениците и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој истакна дека Македонија статистички има висок процент на невработеност, но реално кога ќе се излезе на слободниот пазар да се побараат работници какви се потребни за економијата, не може да се најдат. Како причина за ваквата ситуација Анѓушев ја гледа во недоволниот број на стручно обучени кадри во државата.
Проблемот е во образовниот систем кој не соодветствува со реалните потреби на пазарот, смета Анѓушев.
Моменталниот образовен систем не го продуцира потребниот број на кадри кои ќе ги задоволат потребите на стопанството, истакна министерот за обраование, Арбр Адеми. Тој уверува дека во моментов работат да го подигнат квалитетот во стручното образование.
Ги реформираме постојаните програми, подготвуваме нови учебници, воведуваме поквалитетна практична обука, нова опрема за средните стручни училишта и низа проекти за учење преку работа, рече Адеми
Според министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, средното стручно образование не ограничува, туку дава можност да имаме прво ниво на знаење и понатаму квалификации кои што не прават експерти во одредена област.
Ние сме во една ситуација во која имаме голема бројка на невработеност, но индустријата и стопанските комори велат дајте квалификувани работници. Тоа значи дека некаде линкот помеѓу пазарот на трудот, барањата и понудата се прекинале. Токму оваа влада има интенција тоа да го врати, рече Царовска.
На иницијатива на приватниот сектор денеска во Владата беше потпишан Меморандум за соработка за заедничка медиумска кампања за промовирање на стручни занимања и можностите за стручно образование во Македонија.
Comments are closed for this post.