За прехранбените продукти и за медицинските производи чиј брз транспорт е оценет како суштински важен во здравствената криза ќе биде овозможен побрз транспорт во земјите членки на ЦЕФТА.
Тоа значи дека на граничните премини ќе постои посебна лента за превозниците на овие производи при влез и при излез од земјите.
– Заради важноста на овие есенцијални стоки, трговијата со нив и нивниот транспорт ќе добијат приоритет во однос на другите стоки. Тие ќе се одвиваат преку т.н. „зелени“ коридори. Тоа не значи дека ЦЕФТА не обезбедува ефикасен транспорт и на сите други стоки, меѓутоа транспортот на есенцијалните стоки добива приоритет при преминувањето на границите, информира денеска Стопанската комора на Македонија.
Оттаму посочуваат дека во земјава зелените коридори се активирани веќе од вчера и тоа на граничните премини Табановце, Блаце и Ќафасан. Од страна на ЦЕФТА е одобрена листа на стоки со примарно значење која може да се најде на нивната интернет страница.
Во функција е и Систем за електронска размена на податоци преку кој царинските служби на земјите во рамки на ЦЕФТА електронски ќе си праќаат информации за пристигнување на овие стоки со цел да се овозможи брз проток на стоките.
– Со ова се заокружува иницијативата од мартовскиот состанок на ЦЕФТА за преземање регионални мерки за слободна трговија на стоки во контекст на кризата предизвикана од вирусот Ковид-19, велат од Стопанската комора.
Comments are closed for this post.