Тегла домашен ајвар годинава ќе чини барем десет денари повеќе од лани, покажуваат пресметките на Денар.мк според актуелните цени на пиперката.
Откупната цена достигна 29 денари, а земјоделците велат дека не очекуваат поевтинување во екот на сезоната која почнува од септември.
За откупната цена на пиперкитеова информираше премиерот Зоран Заев кој на својот Facebook профил напиша дека ова значи повеќе пари за земјоделците и повеќе пари за сите.
За 93% е зголемена откупната цена на пиперката, од 15 денари во јули 2015-та година на 29 денари за килограм оваа година. Земјоделците и производството на храна се наш приоритет! Ги зголемуваме приходите кај земјоделците со растот на откупната цена на земјоделските производи“ напиша премиерот на социјалната мрежа.
Сепак, поскапите пиперки можеби се добра вест за земјоделците, но не и за сите граѓани, особено не за оние кои прават зимница.
Годинава во струмичко се очекува да се наберат 20 до 25 илјади тони ајварка, а од цела Македонија околу 45 до 50 илјади тони.
Родот е со доста добар квалитет, подобар и од лани. Невремето кое го зафати овој крај во јуни за среќа не предизвика големи штети по пиперките“ вели производител од струмичко, пишува Денар.
Земјоделците велат дека оваа цена на пиперката е логична со оглед на големите трошоци за производство и дека пазарот е оној кој утврдува колку ќе чини килограм.
Пресметките на денар.мк покажуваат дека една тегла годинава ќе чини 80 денари. До оваа сума се доаѓа кога се ќе собере:
Ако килограм пиперки чини 30 денари, а дозата е 50 килограми; само за главната состојка се потребни 1.500 денари. На оваа количина пиперки се потребни околу 20 модри патлиџани кои би чинеле 200 денари. За зејтин треба да се одвојат околу 350 денари колку што чинат 5 литри. Оттука вкупните трошоци надминуваат 2.000 денари. Од 50 килограми пиперки во просек се добиваат околу 25 тегли ајвар, што значи дека една тегла ќе ве чини 80 денари.
Според ланските цени на пиперката пресметката покажуваше дека тогаш тегла ајвар чинела 70 денари.
Comments are closed for this post.