Во Македонија и земјите од Западен Балкан социјалното претприемништво е во зародиш. Се уште нема дефиниција што е социјално претпријатие ниту пак законска рамка која го уредува ова прашање. За разлика од овде, во Европската унија околу 10 проценти од економијата ја сочинуваат токму социјални претпријатија што се развивале изминатите децении.
Социјалното претприемништво во Македонија е во зародиш. Тоа има за цел да поттикне економски активности кои имаат социјална вредност односно решаваат определени општествени проблеми, како што е се уште најгорливиот, а тоа е проблемот со невработеноста, особено на најранливите категории лица, рече Марија Ристеска извршен директор на ЦИКП.
Таа вели дека иако има политичка волја и одредена финансиска поддршка, што за социјалните претпријатија се дава во рамки на активните мерки за вработување, сепак е потребна законска рамка која ќе го регулира ова прашање за да може ваквиот тип претприемништво да се развива.
Сите финансиски и политички мерки за поддршка не се доволни доколку нема законска рамка за социјално претприемништво бидејќи не може да се утврди која компанија или организација е социјален претприемач и на основа на тоа да биде корисник на овие услуги, посочи Ристеска на завршниот настан од проектот „Смарт Старт: Одржливо влијание на граѓанските организации од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Турција преку социјално претприемништво и социјални иновации” .
Таа вели дека постои волја кај власта ова прашање да се регулира и се надева дека тоа наскоро ќе се случи и ваков закон ќе биде донесен. Додава дека постои и волја да се промени и системот на јавни набавки и одреден процент да се доставуваат од социјалните претпријатија.
Дамир Зековиќ од БиХ, кој е регионален координатор на проекотот потенцира дека земјите од Европската унија веќе со децении работат на овој модел и законски рамки кои го поддржуваат развојот на социјалните претпријатија.
Во моментов околу 10 посто од економијата ја чинат социјалните претпријатија. За разлика од ЕУ на Западен Балкан и во Турција нема дефиниција за социјално претприемништво, рече тој.
Додаде дека во рамки на регионалниот проект, што се спроведува последните четири години и е финансиран од ЕУ, почнале да работат 60 нови претпријатија по правила на социјалното претприемништво.
Проектот е поддржан од Европска Унија, а го спроведува Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП).
Comments are closed for this post.