Недостатокот на квалификуван стручен кадар е клучниот ограничувачки фактор за да се постигнат подобри резултати во стопанството иако големо влијание имаат и недоволната побарувачка на домашниот и на странскиот пазар, сметаат компаниите членки на Стопанската комора на Македонија. Посочуваат дека недостатокот на стручен кадар веќе прави сериозни проблеми.
Деловните тенденции за првите 11 месеци од минатата година дефинитивно покажуваат дека недостигот на квалификувана работна сила со 28,6 проценти е најголем ограничувачки фактор за развој на домашната економија, по што следат недоволната домашна побарувачка со 16,2 отсто и недоволната странска побарувачка со 15,7 проценти. Затоа мора да се работи на сите аспекти да се обезбеди квалификувана работна сила за стопанството, доколку сакаме да добиеме подобри резултати наспроти она што веќе е позитивен тренд од 2018 година, истакна Даниела Михајловска Василевска од Стопанската комора на Македонија.
Борис Тримчев од Стопанската комора посочи дека главна цел на Комората е земјава да се придвижи кон дуалниот систем на стручно образование, како и да се воспостави, во контекстот на доживотно учење, систем за валидација на неформално и информално учење и сертифицирање на лица кои стекнале знаења, вештини и компетенции во текот на животот, а при тоа немаат добиено соодветна валидна потврда која е призната на пазарот на трудот.
Главниот носител на пазарот на трудот е формалното стручно образование кое треба да обезбеди волумен и квалитет во делот на понудата, но бидејќи се менуваат потребите на пазарот сметаме дека неформалното образование може да го премести тој краткотраен јаз. Сепак, се фокусираме на формалното обрзование, дека токму тоа треба да обезбеди квалификувана работна сила… Не радува фактот што од година во година драстично се менува бројот на компании кои првично вложуваат во развојот на својот кадар, но вложуваат и во соработката со средните стручни училишта како дел од нивната корпоративна политика, рече Тримчев.
Најголем недостатокот на квалификуван работен кадар во земјава има од металната струка, услужните дејности во областа на туризмот и ИТ скеторот, машинската и градежната струка.
Comments are closed for this post.