Од 30 септември до 5 октомври Кочани ќе биде домаќин на дваесет и осмото издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз” со што се одбележува почетокот на жетвата на главната земјоделска култура во регионот.
Во овогодишната програма се предвидени повеќе културно-музички содржини проследени со презентација на традиционалните жетвени обичаи и специјалитети од ориз.
Манифестацијата ќе ја отвориме в понеделник со промоција на втората книга „Богатство запишано во времето” од Киро Герасимов, а во наредните денови од музичките содржини следуваат концертот на градскиот хор од Штип, детскиот фестивал „Музички бранови”, концертот на основното музичко училиште „Ристо Јуруков” и настапот на групата „Салса и Пунто” од Куба. В четврток ќе ги промовираме четирите книги „Запишано фолклорно богатство од кратовско” од м-р Драган Георгиевски, а следниот ден ќе се одржи балканска поетска средба и промоција на „Книга за оризот” од авторите Оливера и Зоран Поповиќ од Србија, истакна Аспарух Михаилов од одделението за јавни дејности на општина Кочани.
Завршницата на манифестацијата се најавува за 5 октомври со традиционалното рачно зажнејување на оризот, по што ќе бидат доделени наградите и признанијата за најдобрите земјоделски производители, ќе се одржи фолколрен концерт, а ќе бидат презентирани и традиционалните јадења од Кочанско. Вечерта е предвидена за македонски и светски евергрин мелодии во изведба на Девана Нардели и Огнен Здравковски со „Долче дуо”.
Организатор на „Деновите на кочанскиот ориз” е Општина Кочани во соработка со Центарот за култура „Бели мугри”, библиотеката „Искра” и фолклорните друштва од регионот.
Comments are closed for this post.