Во земјава, Албанија и Србија се зголемени површините со пролетна зелка и тоа може да влијае на откупната цена на оваа градинарска култура, предупредуваат откупувачи од Струмичкиот регион.
Трговците информираат дека во земјава површините засеани со пролетна зелка се зголемени за 20 отсто во споредба со лани, кога се откупуваше по прифатливи цени за земјоделците од почетокот до крајот на сезоната.
-Моментната цена изнесува 35 денари за килограм и се откупуваат многу мали количини, а пред неколку денови откупната цена изнесуваше 50 денари за килограм. Во овој период пролетната зелка во Албанија се откупува од 55 до 60 евро центи за килограм. Сметам дека годинава како ланските откупни цени на зелката ќе нема, бидејќи производството на оваа градинарска култура е зголемено како кај нас, но и во Албанија и Србија. Очекувам зелката да се откупува, бидејќи за неа има пазари каде може да се троши, вели Благој Витанов, откупувач од Струмица.
Според трговецот Ацо Стоилков годинава квалитетот на пролетната зелка е одличен и дека нема да има проблеми со откупот и пласманот.
-Имаме најави за откуп од наши долгодишни деловни пријатели од земји од Источна Европа и централно европските земји и во последните десетина денови тие престојуваа тука и склучивме договори за извоз, информира Стоилков.
И производителите потврдуваат дека се зголемени површините со пролетна зелка.
-Очекуваме цена која сигурно нема да биде како ланските, но да добиеме цена за да не остане зелката на нивите, смета Бончо Божиков, производител на пролетна зелка од село Дабиле.
Спорд трговците шпицот на откупот на пролетната зелка се очекува на почетокот на идниот месец, кога ќе се знае колкава ќе биде понудата и побарувачката.
И годинава пролетната зелка треба да се извезува во Украина, во поранешните југословенски републики, во земји од ЕУ, но и во скандинавските земји.
Comments are closed for this post.