Македонија треба да се развива како „Македонија мегалополис“, односно цела земја како еден град што подразбира јавната администрација од Скопје да се пресели во 10 градови. На таков начин ќе се намали иселувањето од државата и ќе се зголеми средната класа, смета професорот Марјан Бојаџиев од Универзитетот Американ Колеџ Скопје.
Своето тврдење го изнесе на тркалезната маса на тема „Македонија Мегалополис – и други идеи за регионален развој, спречување на иселувањето и создавање на средна класа во Република Македонија” што денеска се одржа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во организација на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, Универзитетот Американ Колеџ Скопје и Finance Think.
Тоа се 145 илјади луѓе кои на таков начин ќе влијаат на зголемувањето на БДП дури за 20 отсто. Со тоа би се намалило иселувањето. Замислете го Кочани со 15.000 административци. Ќе биде регионален центар за Берово, Пехчево, Делчево и Виница и луѓето нема да имаат потреба да се иселуваат ако постојат магистрални патишта. Тие ќе можат да живеат во своето место, а да работат во Кочани. Тоа ќе го спречи иселувањето кое е фрапантно, рече Бојаџиев и додаде дека според негова проценка во Македонија денеска живеат 1,596 милиони жители.
Тоа, како што кажа, не може да се верификува бидејќи нема попис, но додаде дека до таа бројка дошол преку анализата на бројот на запишани деца во основно и средно училиште за што постојат официјални статистики. Во школството, потенцира, од 2005 година наваму губиме 2,5 процентни поени годишно. Ако тоа се пренесе на бројот на населението во Македонија се добива бројката од 1,596 милиони жители кои живеат во земјава.
За да функционира еден голем урбан мегалополис од клучно значење е инфраструктурата која би влијаела и на растот на БДП, но клучот е дека на таков начин би можеле да ја зголемиме средната класа. Во овој момент во Македонија некоја сиромашна и ниска класа се 73 отсто од населението што е фрапантна бројка. Треба да таргетираме да го зглемиме она што кај нас е некоја средна класа околу 21 отсто и најмалку да дојде до просекот на Централна Европа од 45 отсто, рече Бојаџиев.
Нагласи дека Македонија надвор од Скопје е во фаза на исчезнување и додаде дека само во главниот град има позитивен демографски прираст. Во земјава, како што кажа, има степен на сиромаштија од 41 отсто, а со бројните субвенции што се прават од Буџетот на државата тој се намалува на 20 отсто.
Според моите пресметки потрошувачката кошница во Скопје чини 27.000, а во внатрешноста 21.000 денари. Секоја плата пониска од 23.000, а такви се платите на 70 отсто до вработените, значи дека имаме ниски приходи, рече Бојаџиев и додаде дека само 5,1 отсто од вработените имаат повисоки плати од 40.000 денари.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посочи дека патната инфраструктура е еден од главните двигатели на економскиот раст и додаде дека согласно владината програма во текот на следната година ќе почне поинтензивно да се реализира изградбата и рехабилитацијата на патните правци во земјава.
Претседателот на МАНУ, академик Таки Фити е скептичен дека со селење на јавната администрација може да се спречи иселувањето од земјава и вели дека тоа е врзано со значајни проблеми, но, како позитивен пример го посочува одржувањето на денешната тркалезна маса во Академијата.Нагласи дека диспаритетите на степенот на развиеност на регионите во земјава се големи, а во одредени случаи дури и драстични.
Има страотна концентрација на економски активности во скопскиот регион. Тој регион зафаќа 7,3 отсто од територијата на Македонија, во него живее 30 отсто од населението, а во 2010 година учествуваше со 48 отсто во формирањето на БДП, додека во 2016 година учеството изнесуваше 43 отсто. Ако е така испаѓа дека се намалуваат диспаритетите. Но, ако се гледа учеството во БДП по глава на жител диспаритетот се зголемува што може да биде резултат на подобрата економска структура во скопскиот регион, рече академик Фити.
Истакна дека во Скопје се лоцирани најголемиот број на претпријатија од ИКТ секторот кои имаат релативно малку вработени, но поголемо учество во извозот од текстилот и каде просечната плата е 48.000 денари. Затоа, како што кажа, потребно е да се направи голема анализа за да се согледа реалната ситуација.
Со него се согласи и академик Владо Камбовски кој посочи дека земјава се соочува со страотни бројки во иселувањето и како што рече до 2050 година бројот на население може да се намали до 1,74 милиони жители.
Во последните две до три децении од земјава се иселиле околу 500 илјади жители. Според податоците на Министерството за надворешни работи, само во Италија работат околу 150 илјади македонски граѓани од кои најголемиот дел се од источниот регион, рече Камбовски.
Тој прецизира дека во скопскиот регион живеат 326 жители на квадратен километар, во полошкиот 128, а во вардарскиот 39 жители. Нагласи дека само во Скопје живее над 40 отсто од вкупното население во земава и додаде дека БДП по глава на жител во скопскиот регион е за 43 отсто повисок од просечниот во државата, во источниот регион е речиси ист со просекот, а во полошкиот е за 34 отсто понизок.
Благица Петреска од Finance Think посочи дека во источниот регион се генерираат само пет отсто од БДП и додаде дека бројот на ученици во скопскиот регион е поголем отколку во цела источна Македонија, а платите во скопскиот регион се за 50 отсто повисоки отколку на истокот.
Comments are closed for this post.