Вицепремиерот задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, ја посетија општина Градско, каде од градоначалникот Роберт Бешовски беа информирани за тековните проекти со кои се надминуваат реалните проблеми на граѓаните во општината, соопшти Владата.

Тука сме за да видиме како се решаваат комуналните проблеми на граѓаните и задоволен од ова што го гледам. Општина Градско урбано го уреди со сопствени средства паркот во износ од околу 4,5 милиони денари. Тука е и градинката чиишто капацитети се проширени со средства од Министерството за труд и социјална политика во износ од 2 милиони денари, за зголемување на капацитетот за уште 20 нови дечиња. Градинката веќе може да згрижува 50-ина дечиња, што е реално потребата на Градско. Се надевам во иднина ќе има потреба и за повеќе, а Владата ќе намени средства. Решен е и 30 годишен проблем со водоснабдување на општина Градско“, изјави Анѓушев.

 

Градоначалникот Роберт Бешовски дополни дека со општински и средства од буџетот на државата ќе се реализираат дополнителни проекти, со кои ќе се подигне квалитетот на живот на граѓшаните во општината.

Општина Градско обезбеди средства за изградба на откупен центар на отворен простор преку Центарот за вардарски плански регион преку Бирото за рамномерен регионален развој во износ од 5 милиони денари. Веќе е избрана фирмата и ќе се започне со изградба. Исто така, во село Горно Чичево ќе се гради канализација за која средства се обезбедени преку Министерството за животна средина, веќе е завршена постапката за јавна набавка и ќе се започне со изградба. Тие се двата најблиски проекти за кои очекуваме реализација“, нагласи градоначалникот Бешовски.