На 11 локации на државно земјиште во Свети Николе и Македонски Брод ќе се градат фотоволтаични електрани со вкупна инсталирана моќност од 35 мегавати. Инвеститори се девет компании коишто на електронската аукција не побарале премија со што по тој основ во Буџетот се слеани 2,7 милиони евра. Според најавите, утре треба да се одржи аукција за фотоволтаични централи со вкупна инсталирана моќност од 25 мегавати што пак треба да се градат на приватно земјиште.
Договорите им беа врачени на компаниите денеска во Владата, а на настанот присуствуваа техничкиот премиер Оливер Спасовски и министерот за економија Крешник Бектеши.
– Имаше многу скептици во тоа време кога одлучивме да направиме целосно нов закон за енергетика кој ќе овозможи да се направи добра клима за инвестирање во енергетиката. За само една година по донесувањето на новиот Закон за енергетика веќе денеска ги потпишуваме договорите за изградба на 11 фотоволтаични електрани со капацитет од 35 мегавати, а веќе за во петок е закажана акуција за изградба на фотоволтаични централи на приватно земјиште со капацитет од 25 мегавати, истакна министерот Бектеши.
Според премиерот Спасовски, спроведената реформа во енергетскиот сектор во изминатите две години е една од најзначајните од што придобивки имаат и граѓаните со тоа што плаќаат најниска просечна цена за киловат час електрична енергија. Со потпишувањето на договорите за изградба на фотоволтаични централи на државно земјиште, како што рече Спасовски, е завршен првиот јавен оглас на кој пристигнале вкупно 82 понуди.
– Договорите со овие девет компании предвидуваат изградба на фотоволтаични централи за производство на вкупно 35 мегавати електрична енергија и тоа 25 мегавати на државно земјште во Свети Николе и 10 мегавати во Македонски Брод. Пресврт се случи во тендерската постапка. Се покажа дека во поголемиот дел од спроведените акуции за парцелите, инвеститорите не само што не бараат премиум, туку се натпреваруваат да дадат што повеќе пари за да се стекнат со право да инвестираат со што се премина во позитивна аукција и во Буџетот на државата влегоа 2,7 милиони евра, нагласи Спасовски.
Вториот оглас којшто се однесува на изградба на фотоволтаици на приватно земјиште е во тек и на него се пристигнати 43 понуди.
ГЕН-И започнува со изградба на својата прва соларна постројка од поголеми размери
Како резултат од првиот тендер на Македонија за изградба на соларни фотоволтаици на државно земјиште, ГЕН-И влегува во производство на соларна енергија од поголеми размери во регионот. Сончевата централа, којашто ќе се наоѓа во Амзабегово во Северна Македонија, е планирано да ја снабдува нашата држава, како и регионалните пазари.
На компанијата ГЕН-И и се доделени три од 11 лота, што претставува 17 мегавати (MW) од вкупно понудените 35 мегавати (MW) и најголем капацитет доделен на само еден инвеститор, како дел од првиот тендер на Република Северна Македонија за изградба на соларни фотоволтаици на државно земјиште. Ова ново решение за јавно наддавање за обновливи извори на енергија го доделува правото за градење и производство на соларна енергија за 50 години, при што државата ќе обезбеди конверзија на земјиштето во градежно земјиште, одобрение за градежни дозволи и употреба на земјиштето, како и поврзување со мрежата. Ова се трите клучни чекори што овозможуваат отворање на инвестициските потенцијали за соларни фотоволтаици, коишто Владата на Северна Македонија со право ги призна како клучни за исполнување на државните климатски и цели за одржливост.
Проектот ќе биде прва соларна централа на ГЕН-И во Северна Македонија, а ќе биде изградена и управувана од компанијата ГЕН-И Сонце ДООЕЛ Скопје. Градежните работи се планирани да започнат на почетокот на 2021 година и, во согласност со тендерските услови, сончевата централа ќе стане целосно оперативна до почетокот на 2023 година. ГЕН-И е водечка компанија на големопродажниот пазар на електрична енергија во Северна Македонија и остварува прекугранична соработка со тргување низ целиот регион. Годишното производство на сончевата централа од скоро 25.000 мегават часови (MWh) ќе ги надополни и зајакне врските во рамките на флексибилното глобално портфолио на ГЕН-И, истовремено овозможувајќи оптимално снабдување со произведената соларна енергија.
„Среќни сме што ја објавуваме изградбата на првата соларна централа на ГЕН-И, по добиените резултати од тендерот, што ни обезбеди 50-годишна употреба на земјиштето со право да градиме и да продаваме соларна енергија. Пропозициите во тендерот беа добро дефинирани и опфаќаа три клучни предизвици кои во спротивно би ги попречувале инвестициите во сончеви фотоволтаици, преку обезбедување загарантирана поддршка од државата за пренамена на парцелите во градежно земјиште, поддршка при добивање одобренија за градба и користење на земјиштето и за поврзување со мрежата”, рече д-р Игор Копривникар, директор на ГЕН-И Сонце ДООЕЛ Скопје и член на управниот одбор на ГЕН-И.
Инвестицијата во сончевата централа претставува прво вакво учество на ГЕН-И на тендер за соларна градба во регионот, и беше избрано заради високиот сончев потенцијал во Северна Македонија и неговата соодветност како прв градежен блок за реализација на амбициозната стратегија на ГЕН-И да стане движечка сила за зелена трансформација и во регионот. Во Словенија, ГЕН-И е веќе признат како зелен пионер со значително искуство, со тоа што има изградено повеќе од 1.000 соларни постројки за домашна самостојна потрошувачка под својот бренд ГЕН-И Сонце, првиот соларен погон за колективна потрошувачка на зграда и иновативни решенија за е-мобилност. Неодамна, ГЕН-И ги прошири своите активности и на хрватскиот пазар, инсталирајќи ја и првата соларна централа за самостојна потрошувачка на деловен објект и создавајќи можности за полнење на електрични возила за корисниците на услугите за електронска мобилност од двете страни на Словенско-Хрватската граница.
Сончевите централи се еден од најдобрите ресурси во борбата против климатските промени. Сончевата енергија е достапна, пристапна и обновлива опција што помага да се намалат емисиите на јаглерод низ целиот свет. Секој киловат час (kWh) чиста енергија е важен за луѓето и за нашата планета и потребна е што е можно повеќе. Затоа, целта е не да се обезбеди енергија, туку да се обезбеди чиста енергија. ГЕН-И е добро запознаен со тоа и додека поставува бројни единици за соларна енергија во Словенија, истовремено ги поставува и регионално.
Влегувањето во производство на електрична енергија од обновливи извори отвора целосно нова димензија во портфолиото на ГЕН-И за одржливи и интегрирани енергетски услуги, што исто така опфаќа отворање на врските на пазарите на капитал за финансирање и преку издавање зелени обврзници и преку партнерства со долгорочни инвеститори. Во овој контекст, сончевата централа во Северна Македонија е важна пресвртница во посветеноста на ГЕН-И за брза транзиција кон зелено и општество ослободено од јаглерод, со што се потврдува мисијата ГЕН-И да обезбеди напредни решенија за интегрирани енергетски услуги, како предводник на зелената трансформација во регионот.
Инаку денешните договори следуваат по објавувањето на првиот тендер спроведен во државава за изградба на фотоволтаични централи на државно земјиште.
Comments are closed for this post.