Апелациониот суд Скопје со Решение ТСЖ. бр.2741/18 го потврди Решението на Основен суд Велес со кое се одобрува Планот за реорганизација на стечајниот должник Друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ФЕНИ ИНДУСТРИ АД Кавадарци – во стечај.
Одобрувањето на планот за реорганизација на Фени Индустри, создаден и поднесен од ГСОЛ / Еуроникел е правосилно и претставува извршна исправа согласно одредбите од Законот за стечај.
Ова значи дека Фени конечно излегува од стечај и дека сега има нов сопственик, ГСОЛ/ Еуроникел, а после сите превирања оваа одлука најголемо значење има за вработените, фирмите кои соработуваат со Фени и целиот кавадаречки регион.
Во изминатава година и половина Фени индустри помина низ стечај кој ќе остане како пример за најуспешниот стечаен процес спроведен во земјава. Начинот на кој беше водена стечајната постапка, со реорганизација наместо ликвидација, брзината со која беа обесштетени доверителите како и искористената можност за рестартирање на производниот процес со цел Фени да биде оперативен на минимално технолошко ниво, е доказ дека законот за стечај и неговото спроведување дава позитивни резултати.
И покрај многуте обиди да се стави сомнеж на исправноста на процесот за решавање на судбината на Комбинатот, последната и конечна одлука на Судот докажува дека не се констатирани никакви неправилности, а стечајната постапка на Фени беше регуларно и транспарентно спроведена, за да резултира со потврден план за реорганизација и сигурна иднина за Фени и сите засегнати страни од неговото работење.
Не помалку важно е да се напомене дека новиот сопственик на Фени, ГСОЛ е глобална компанија која со вложените приближно 90 милиони евра во Фени во изминатава година, е еден од најголемите инвеститори во државата. И вака спроведениот стечаен процес испраќа позитивна порака и кон странската бизнис заедница, постоечки и идни, потенцијални инвеститори дека институциите на системот работат во полза на правото и во насока на унапредување на економските перспективи на земјата.
Фени скоро една година работи и произведува, но сега ќе го започне и својот инвестициски циклус со што повторно ќе го достигне својот некогашен сјај и значење за македонската економија.
Comments are closed for this post.