Еврото во вторник ќе наполни 20 години, временски период во кој преживеа голема криза и трајно се зацврсти на финансиските пазари и во европските паричници.
Но, без потесна интеграција на еврозоната, судено му е да остане колос на стаклени нозе, предупредуваат аналитичари.
Еврото е „родено“ на 1 јануари 1999 година, и во почетокот постоеше само како виртуелна валута што се користеше во сметководствени и финансиски трансакции. Физичката реалност ја имаше три години подоцна, а сега го користат повеќе од 340 милиони луѓе во 19 европски држави.
Валутата не беше веднаш засакана и на неа се гледаше како на зголемена цена, па така и прекарот во Германија во почетокот и беше „теуро“ што значи – скапо.
Еврото денес е популарна валута и покрај јакнењето на евроскептичните и популистички движења во голем број држави.
Во анкета на ЕЦБ 74 отсто граѓани на еврозоната сметаат дека еврото е добар за ЕУ, а 64 отсто дека бил добар и за нивната држава.
– Еврото се вкорени кај населението, па дури и антиестаблишментски партии тоа мора да го признаат – вели Николас Верон од аналитичкиот центар Бругел од Брисел и Петерсон институтот за меѓународна економија во Вашингтон.
Еврото сега е втора светска валута иако сѐ уште не може да се доведе во прашање доминацијата на американскиот долар.
Пресуден момент за еврото беше финансиската криза од 2008 година која кулминираше со спасување во неколку држави, доведувајќи ја валутната унија и заедништвото во неа на раб на „пукање“.
Експерти тврдат дека тој период открил инхерентни маани на тој проект вклучително непостоење фискална солидарност во облик на поделба на долгови, вложување и ризици или непостоење кредитори во крајна потреба. Кризата откри и економски разлики меѓу државите членки особено меѓу фискално помудриот север и презадолженито југ.
За да продолжи да циркулира во еврозоната и да се спречи закана од дефлација, пад на цените и економските активности, Европската централна банка во изминатите години презема незапамтени мерки. Одреди каматните стапки да бидат рекордно ниски, понуди евтини заеми за банките и откупи нешто повеќе од 1,6 билиони евра државни и корпоративни обврзници меѓу 2015 и 2018 година.
Бидејќи инфлацијата се доближи до саканата вредност од под два отсто, тие мерки се оценети како успешна монетарна политика.
Сепак, аналитичари забележуваат дека 19 членки на еврозоната не направиле доволно за потребните политички реформи за подобра подготовка за идни кризи и да постигнат поголема економска конвергенција.
Обидот на францускиот претседател Емануел Макрон за воведување функција министер за финансии во еврозоната или европска верзија на ММФ, отфрлени беа уште во почетокот.
-ЕЦБ во меѓувреме, направи колку што можеше за да го зацврсти еврото, вели Жил Моек поранешен економист во француската национална банка.
Аналитичарот Вернон вели дека е оптимист и дека еврото зајакнало со расчистување на билансите на банките со ставање под контрола на државните долгови и вонвредните мерки на ЕЦБ.
– Еврото сега е колос со стапала од цигли, а не од глина – вели тој.
Сепак, банкарската унија што долго се планира сѐ уште не е довршена поради несогласување околу воведувањето единствена европска шема за осигурување депозити.
Comments are closed for this post.