Да не се користат компаниите што работат на македонскиот пазар во предизборната кампања и да не се повикува на бојкот на производи. Партиите, политичарите и сите вклучени во кампањата да не ги злоупотребуваат името и репутацијата на фирмите, апелира Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија Стопанската комора на Македонија.
Според Здружението, овие компании работат според законите и регулативите на државата што сите треба да ги почитуваат и нивното искористување во предизборните активности е удар за македонската економија.
Компаниите кои работат на македонскиот пазар не треба да бидат дел и вклучени во предизборната кампања и реториката на политичките партии. Стопанскиот сектор во земјата е независен и не треба да биде користен во собирање политички поени. Компаниите од мал, среден и голем профил работат согласно домашната регулатива и домашните и меѓународните пазарни прописи кои прецизно дефинираат како македонските компании и производи ќе бидат декларирани на локалниот и на странските пазари, наведува Здружението.
Неговите членки сметаат дека секој повик на бојкот на домашните компании, што произлегува од политички или лични мотиви, нанесува голема и ненадминлива штета, посебно во период кога македонското стопанство се соочува со тешкотии ппоради коронакризата.
Повиците за бојкот и спомнувањето на компаниите во политички контекст создаваат дезинформации и погрешна претстава за работата на македонските компании. Затоа апелираме до партиите, политичарите и сите оние кои се вклучени во предизборната кампања да не ги злоупотребуваат името и репутацијата на компаниите. Исто така, упатуваме апел и до граѓаните да не потпаѓаат на политичките реторики и провокации и да ги поддржат македонските компании и производители, посебно во овие тешки и неизвесни моменти, дополнува Здружението.
Воедно потсетува дека домашниот сектор вработува илјадници македонски работници и е главниот фактор во поттикнување на македонската економија. Ударот врз компаниите е удар врз целокупното стопанство и најмногу кон вработените. – Со повик за апстинирање и бојкотирање на македонските производи, се прави штета на илјадници вработени во домашниот сектор и на нивните семејства, додава Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија
Comments are closed for this post.