Земјава за една или максимум две години очекува да добие статус „слободна од бруцелоза кај овците и козите“. Со тоа, освен здравствените, значително ќе се зголемат и економските придобивки. Сточарите конечно ќе можат да реализираат извоз на живо јагне надвор, на пазарите кои нудат повисоки цени, и да ги избегнат досегашните проблеми со домашниот откуп на кои во континуитет се жалат.
Како што вели за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов, направените анализи и проценки покажуваат дека државата за севкупно справување со бруцелозата изминатите десет години, од 2008 до 2018-та, потрошила 17 милиони евра, додека поради неможноста да извезува живо јагне, губи по четири милиони евра годишно.
Според Атанасов, изворите на бруцелоза се намалуваат. Драстично е намален и бројот на заболени луѓе, од преку 400 во изминатите години, на само 22 во 2018 година, а потоа, лани, на 11. Годинава, до сега, има пријава дека се заболени шест лица, бројка која Атанасов верува дека нема да се зголеми.
Кога добивме податоци колку чинело дневно лекувањето на заболените лица и кога собравме колку биле заболени низ годините, колку ги чинела дневната терапија во болница, а потоа и дома, како и колку е потрошено за дијагностика на болеста кај животните, земање крв, испитување, уништување на болните грла, заштитната облека на ветеринарите и се што подразбира материјали за заштита, набавка на вакцини, дојдовме до заклучок дека тоа досега ја чинело државата околу 17 милиони евра, за десет години, од 2008 до 2018 година. Кога ги споредивме актуелните бројки, пак, во однос на актуелната цена на живото јагне што се продава во другите земји, колку оди од Бугарија во Турција, на пример, проценивме дека нашата држава губи четири милиони евра годишно поради неможноста да извезува живо јагне, потенцира директорот на АХВ.
Тој нагласува дека АХВ ја продолжува борбата со бруцелозата, за да овозможи живото јагне да се најде на светскиот пазар.
Веќе сме близу до стекнување статус „слободни од бруцелоза кај овците и козите“. Оваа година имавме интензивни активности за сузбивање на болеста. Претходните две години го преполовивме бројот што го затекнав откако дојдов на функцијата директор. Беше 22 лица заболени од бруцелоза на годишно ниво, а лани се сведе на 11. Годинава, пак, до сега, има пријава дека се заболени шест лица, а август е, осми месец. Можеби тука бројката ќе застане зашто годинава настапивме порадикално, отидовме и со вакцинација и со тестирање на сите животни, истакнува Атанасов.
Во однос на економскиот аспект, додава дека откако земјава ќе добие статус „слободна од бруцелоза кај овците и козите“, сточарите веќе нема да зависат од условите што им ги нудат кланичарите тука, па „ќе престане и муабетот што досега важеше, дека ги уценуваат“.
Во моментов, вели, има општини со по само една заболена овца што досега не било случај.
Во вкупно 19 општини бруцелоза воопшто нема, а во 22 бруцелоза е регистрирана во по едно одгледувалиште со една коза или овца. Со оглед дека годинава извозор во тие одгледувалишта е уништен и следните тестирања покажале дека бруцелоза нема, не се очекува догодина таму болеста да се појави или ако се појави, ќе биде како рецидив и од 2020 сосема ќе се прочисти и нема да се појавува, информира директорот на АХВ.
Но во тетовско-гостиварскиот регион, дополнува, се појавува поголема бројка заболени овци и кози, а причината, од она што е утврдено засега, е прекинатиот циклус на вакцинација.
Сега правиме епидемиолошката истрага за да утврдиме. Но, дојдовме до заклучок дека во 2016 година не била навреме обебзедена вакцина и е прекината вакцинацијата на подмладокот. Се појавува една дискрапанца тука, во целата Програма за која сметаме дека е поради тоа, поради невакцинирањето, а тоа се спроведува кога подмладокот е стар три до шест месеци, ни порано, ни подоцна, објаснува Атанасов и додава дека ако тој период се испушти, Програмата за вакцинација паѓа во вода.
Вакцината тогаш ја набавувале веледрогериите, но имало недостиг и веројатно немало кој тоа да го контролира. Затоа, од 2017-та е одлучено вакцините да ги набавува државата. Така, според Атанасов, од една страна се врши контрола, а од друга, нема да може да има оправдување за евентуално невакцинирање или прекин на процесот на вакцинација.
Ќе продолжиме и догодина да вакцинираме. Ценам дека ќе дојдеме до светскиот стандард согласно кој на едно стадо да има 0,1 процент заболување со бруцелоза и 0,5 отсто заболени на територијата на цела држава. Можеби тоа ќе го достигнеме во 2020-та, иако, сепак сум претпазлив и би кажал за две години. Ќе се ревидира и програмата за да знаеме каде точно да се фокусираме. Но, во целата приказна треба да помогнат и стоќарите, одгледувачите на овци и кози, да го спречат нелегалното движење на добитокот. Сточарите мора да сфатат дека мерките што ги преземаме се во нивен интерес и на државата воопшто, вели директорот на АХВ.
Атанасов повтори дека откога е почнато спроведувањето на Програмата за сузбивање на бруцелозата кај овците и козите, во 2008 година, имало по околу 480 лица заболени годишно. Таа бројка сега е драстично намалена.
Comments are closed for this post.