Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав, оцени тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој престојуваше во нашата земја заради спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија. Во текот на изминатитe денови, како што соопшти Народната банка, тимот оствари повеќе работни средби со претставници на Народната банка и на Министерството за финансии.
Во Заклучокот на тимот на ММФ е укажано и на фактот дека Народната банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви. Според тимот на ММФ, во иднина, доколку дојде до влошување на надворешното окружување, Народната банка треба да биде подготвена да ја заостри монетарната политика.
Банкарскиот систем, според оцените на тимот на ММФ е здрав, добро капитализиран и ликвиден. Тековните активности за окрупнување на системот ќе придонесат за негово консолидирање и за подобрување на неговата ефикасност. Тимот на ММФ оценува дека преземањето чекори за натамошно зголемување на денаризацијата на депозитите, заедно со внимателно осмислените мерки за намалување на девизното кредитирање на домаќинствата, доколку е тоа потребно, ќе придонесе за натамошно зајакнување на отпорноста на нашиот финансиски систем.
Во Заклучокот на тимот на ММФ, како што наведуваат во соопштението, се истакнува дека дополнителното зајакнување на рамката за финансиска стабилност и натаму е приоритет. Истовремено е изнесена позитивна оцена за продолжувањето на активностите за зајакнување на супервизорската и регулаторната рамка. Овие активности се преземени во согласност со Програмата за детална проценка на финансискиот сектор (ФСАП) која е спроведена минатата година. Како што заклучува тимот на ММФ, истовремено се подготвува и регулатива со која ќе се зајакне макропрудентниот мандат на Народната банка и ќе се овозможи подобро утврдување на системските ризици во банкарскиот систем.
Тимот на ММФ, стои во соопштението, нагласува дека е од особена важност што во нашата земја има посветеност на реформите. Како што е наведено, спроведените клучни институционални реформи ја покажаа посветеноста на носителите на политики кај нас за справување со долгорочните предизвици. Тимот на ММФ порачува дека е важно да се остане на патот на реформите, со цел дополнително да се подобри отпорноста на нашата економија на шокови.
Comments are closed for this post.