Странските инвеститори ги пофалија измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите кои се во насока на проширување на можностите за аплицирање на поширок круг на заинтересирани компании кои би биле потенцијални корисници на финансиската поддршка.
Ова го истакна претседателот на Советот на странски инвеститори, Штефан Петер кој заедно со членовите на Управниот одбор на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, одржа работна средба со министерката задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска.
Во интерес на сите заинтересирани страни е што изменетите законски решенија се резултат на активниот и креативен дијалог со бизнис заедницата и верувам дека овој процес е отворен и ќе продолжи и понатаму“, истакна Петер.
Петер изрази надеж дека ќе се зголеми опфатот на успешни компании и од делот на странските инвеститори во земјава што може да имаат пристап за финансиска поддршка согласно овој закон и со тоа уште повеќе да се забрза темпото на раст на индустриското производство и на економијата во целост, притоа најави дека дополнително ќе достават нивни сугестии за надградување на постоечките измени.
Министеркaта Апостолска истакна дека Планот за економски раст е резултат на активниот и креативен дијалог со претставниците на стопанството.
Во минатата 2018 година ги пробивме сите рекорди за странски директни инвестиции, 624,5 милиони евра, што е за 2,6 пати повеќе од просекот во изминатите 8 години. Индустријата забележа раст од 5,4%, што е највисок во последните седум години. Целта на Законот за финансиска поддршка за инвестиции беше токму ова, да се поттикне индустрискиот раст, за кој сме сведоци“, рече министерката Апостолска пред претставниците на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.
Зборувајќи за определбите на Владата економскиот раст и развој да ги постави на цврсти темели, министерката Апостолска нагласи дека и оваа средба е продолжување на воспоставената култура на редовна комуникација со бизнис заедницата, а со крајна цел заеднички да се постави динамичен и одржлив економски систем.
Comments are closed for this post.