Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев денеска истакна дека директните странски инвестиции во земјава за 2018 година изнесувале рекордни 624.49 милиони евра, нагласувајќи оти очекува во 2019 година да бидат уште поголеми благодарение на посветеноста на Владата како и на приклучувањето кон НАТО.
Во 2018 година во Република Северна Македонија имаме директни странски инвестиции што се за 276 проценти поголеми од просекот од претходните осум години или за 82 проценти поголеми од најдобрата година, односно 2011 година, истакна Анѓушев.
Потенцираше дека бројките практично покажуваат оти Владата предводена од премиерот Зоран Заев и економскиот тим има јасна визија за индустријализацијата на државата, за модернизација на земјата и за креирање на добро платени работни места.
Сите овие инвеститори, 18 на број, кои веќе потпишаа договори во нашата држава и градат фабрики, се компании што не креираат евтини работни места. Сите тие се компании што ја потпишаа клаузулата дека платите ќе бидат над 300 евра и многу повисоки, тоа се компании што практично креираат повеќе работни места за високо едуциран и професионален кадар, објасни Анѓушев.
Тој изрази очекување, благодарение на посветеноста на Владата, како и приклучување на земјата кон НАТО, што дава стабилност на државата и ги охрабрува странските инвеститори, бројот на инвестиции во Северна Македонија за 2019 година да биде дополнително поголем.
Законот за финансиска поддршка на инвестициите, го препознаа компаниите од светот и интензивно доаѓаат и потпишуваат договори, посочи Анѓушев.
Директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) Александар Младеновски наведе дека растот во технолошко-индустриски развојните зони на извозот во 2018 година бил за околу 20 отсто, посочувајќи дека изнесувал околу две и пол милијарди евра, додека увозот изнесувал околу две милијарди евра.
Генерално зоните ги развиваме во забрзно темпо. Во Скопје, до крајот на годината ќе почнеме со изведбата на Скопје 3, во Штип ќе почнеме со реализација на гасоводот, во Струмица веќе се гради последниот дел од зоната тоа е терминалот, во Прилеп ја градиме клучката, водоводот, канализацијата за завршивме, во Струга ја градиме клучката, во Кичево ќе ја дореализираме внатрешната инфраструктура, изјави Младеновски.
Рече дека во наредниот период ќе се интензивираат работите околу завршување на договорите што биле во преговори во последно време.
Се надевам дека за краток период тоа веќе ќе резултира со голем број на работни места, посочи директорот на ТИРЗ.
Comments are closed for this post.