Македонските енергетски компании мора да ги препознаат можностите што ги нуди Законот за енергетика, со цел да станат поконкурентни во регионот, да направат интерни и внатрешни транзиции во нивното работење за да се приспособат во новиот енергетски свет и на новата енергетска транзиција.
Ова го порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во своето обраќање на отворањето на меѓународната конференција „Енергетика 2018“ што од денеска до 6 октомври се одржува во Охрид во организирана од Здружението на енергетичарите на Македонија и Македонската енергетска асоцијација.
Енергетиката како крвоток на индустријата е суштината која мора да се планира долгорочно. За жал оваа област многу години беше запоставувана во Република Македонија и ценам дека треба да и се даде нужното внимание, бидејќи ако за енергетиката немате план за следните 10, 20, 30 години колку што предвидува енергетската стратегија во тој случај немате никаков план. Енергетиката не се планира од денес за утре, ниту од годинава за следната. Мора да биде планирана на подолг рок, ако сакате да ја имате како одржлива и сериозна во една држава, истакна Анѓушев.
Енергетиката, посочи тој, ќе се развива во насока на регионални берзи за електрична енергија, инфраструктура во гасоводните мрежи и глобалниот свет на нафтената индустрија. Вицепремиерот Анѓушев очекува до крајот на годината да биде подготвен и законот за енергетска ефикасност, кога ќе биде ставен на јавна дебата, повикувајќи ги сите да учествуваат и дададат свој придонес во комплетното формулирање на законското решение.
Енергијата е еден од клучните фактори во креирањето на цената на било кој производ. Доколку зборуваме за индустријализација на РМ ние мораме да зборуваме за извозно ориентирана економија и индустрија. Не постои извозно ориентирана индустрија доколку таа не е конкурентна, а еден од факторите е и цената. Цената ја формираат повеќе фактори, но енергијата е еден од клучните. Затоа евтината енергија е предуслов за нашето стопанство да биде конкурентно, а тоа се постигнува преку енергетската транзиција и домаќинско работење во енергетските компании, подвлече Анѓушев.
На отворањето на конференцијата, учествуваат над 70 научници и стручни лица, свое обраќање меѓу другите имаа и генералните директори на МЕПСО и ЕЛЕМ Сашо Василевски и Драган Миновски.
Comments are closed for this post.