Владата размислува за мерката за замрзнување на придонесите на работниците во текстилната и кожарската индустрија. Ова денеска го најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на трибината „Перспективите на македонската економија преку членство во НАТО и ЕУ“, во организација на СKM.
Пред работодавачите од Штип и од источниот регион тој појасни дека подолго време разговарале и правеле анализи со претставниците на текстилните и кожарските компании, кои се најзагрозени од светската конкуренција.
Размислуваме како да обезбедиме од една страна да растат нето платите на вработените, а од друга страна да нема негативен ефект врз буџетот, а со самото тоа да се обезбеди опстанување на овие компании и нивна конкурентноста на светските пазари. Една од тие мерки е и можноста да се замрзнат придонесите за овие две индустрии, а притоа тие да ги растат нето платите. Нормално тука не станува збор за персоналниот данок, тој и понатаму ќе остане, бидејќи е на персоналните примања. Додека сите останати придонеси би можеле да размислиме да ги замрзнеме. Тоа неколку пати премиерот го спомнуваше, како опција. Размислуваме сериозно во тој правец и доколку сите се усогласиме и во Владата и во стопанството дека е тоа мерка што ќе даде резултат. Јас лично ќе бидам поддржувач на таа мерка, истакна Анѓушев.
Вицепремерот посочи доколку постојат усогласени ставови за оваа мерка, во тој случај таа би почнала да се применува од следната година.
Стопанствениците изразија задоволство во делот на Законот за финансиска поддршка, поддршката и изедначувањето на критериумите за македонските и странските компании, за транспарентноста на тие мерки. Но, исто така отворивме и прашања што не се решени, а тоа е пред се прашањето на кадарот, бирократијата, прашањето на останатите административни и бирократски пречки што ги има економијата, рече Анѓушев.
Тој истакна дека токму на овие прашање ќе работат наредната година, а посебно во делот на образованието, квалификуваниот кадар. Смета дека бирократските бариери се уште постојат и во овој дел државата треба сериозно да работи. Анѓушев забележа дека мора да се работи и на подобрување на продуктивноста на македонските компании.
Штипските стопанственици побараа и да се укине банкарската гаранција за царините и укинување на одредени бирократски процедури при извоз на стоката.
Comments are closed for this post.