Банкарскиот систем е и останува стабилен и сигурен, порачаа од Народна банка. Во изјава за МИА, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, повторно ја истакнува оваа порака.
Укинувањето на дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје е изолиран случај, којшто нема влијание врз другите банки во системот. Показателите за банкарскиот систем, со исклучување на оваа банка бележат подобрување, покажувајќи поголема отпорност на системот во целина, изјави Ангеловска-Бежоска.
Според неа, отпорноста на банкарскиот систем се потврдува, како што вели, и во овој период, во којшто економијата е под влијание на здравствената криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
Пресекот на состојбите кај банките со крајот на првото полугодие од оваа година покажува дека тие и покрај зголемената неизвесност во глобалната и домашната економија, остварија солидни резултати, нагласува гувернерката за МИА.
Инаку, како што пред неколку дена соопштија од Народната банка, капиталот на банките дополнително зајакна во првите шест месеци од оваа година, како резултат на задржување на најголемиот дел од нивните добивки за зголемување на нивниот капитал. Ваквиот резултат банките го постигнаа следејќи ја препораката што Народната банка им ја упати на почетокот на ковид-кризата.
Ликвидноста со која банките располагаат се задржа на високо ниво, и покрај тоа што тие привремено ги одложија наплатите на значаен дел од кредитите, а со тоа намалувајќи ги вообичаените парични приливи. Банките го олеснија финансискиот товар на граѓаните и компаниите, но истовремено продолжија со солидна кредитна поддршка, вели Ангеловска-Бежоска.
И најновите податоци за кредитниот раст коишто ги објави Народната банка, потврдуваат дека непречената кредитна поддршка за економијата продолжи и во текот на корона-кризата.
Ова не беше случај во периодот на претходната глобална криза, кога кон крајот на 2008 година и особено во текот на 2009 година дојде до значително забавување на кредитниот раст во македонската економија. Здравоста на билансите на банкарскиот систем, заедно со низата досега преземени мерки од страна на Народната банка придонесуваат и за олеснување на финансиските услови и за натамошно одржување на кредитниот циклус и тоа на ниво коешто е над очекувањата согласно со нашите проекции, вели гувернерката.
Според статистиката на централната банка, депозитите на граѓаните и компаниите пораснаа значајно над очекувањата на Народната банка со априлските проекции. Ваквите движења, според Ангеловска-Бежоска се само дополнителна потврда за стабилноста и подготвеноста да одговорат на потребите на реалниот сектор, но и на довербата што депонентите ја имаат во банкарскиот систем.
Пред неколку дена, по одземањето на дозволата за работа на „Еуростандард банка“ и од Македонската банкарска асоцијација известија дека сите други банки и штедилниците се стабилни и сигурни.
Ниту една друга банка не е изложена на ризик којшто може да се одрази на нарушување на нејзината стабилност и солвентност. Банкарскиот систем се одликува со исклучително прудентно работење и отпорност на шокови, соопштија од Асоцијацијата.
Притоа, од таму посочија дека депозитите во сите банки и штедилници се сигурни, а дека банките и штедилниците ќе продолжат со проширување на понудата на депозитни производи, следејќи ги современите трендови и потребите на клиентите.
Comments are closed for this post.