Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека мерките кои ги нуди владата се гол маркетиншки трик. Сметаат дека тие ниту се навремени, ниту се таргетирани, ниту се решение за проблемите. Тие се само купување на време, додека кризата метастазира.
-Овие идеи на владата не даваат одговор на енергетската криза која веќе создава економска и социјална криза, и е клучниот фактор за инфлацијата и пропаѓањето на стандардот и економската активност. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија нуди пакет од 5 конкретни мерки кои треба да им помогнат и на граѓаните и на компаниите. Прво, предлагаме ноќните вишоци и вишоците на произведена струја од ЕЛЕМ во текот на викендите да се понуди на домашното стопанство. Досега владата го продаваше преку матни зделки на трговци при што таквите трговци ги полнеа џебовите на сметка на македонските компании и граѓани. Второ, Владата да покрие половина од разликата меѓу цената на струјата која ја плаќаат компаниите и цената на регулираниот пазар. На овој начин со отприлика 50 милиони евра ќе се заштитат илјадници работни места кои висат заради неликвидноста на компаниите, се наведува во соопштението на партијата.
Третата мерка која ја предлагаат е за граѓаните да се воведе викенд без ДДВ за основните прехранбени производи.
-Претпоставуваме дека Ковачевски знае што се основните прехранбени производи и знае дека нив граѓаните најмногу ги купуваат и тие се покачени од 50 до 100%. Со оваа мерка директно ќе се заштити стандардот на граѓаните. Четврто, одложување на воведувањето на скалесто оданочување кое го планира власта. На овој начин ќе се заштити не само стандардот на населението, туку и ќе влијае врз ликвидноста на фирмите. Петто, да се обезбедат повеќе свежи пари за стопанството преку дестерилизација на благајничките записи во Народна Банка. Со ова ќе се помогне да се зачуваат многу работни места и нема да се дозволи затворање на фирми. Да потсетиме дека за година дена се затворени 12 илјади компании што преставува црн рекорд за Македонија. Очекуваме власта да ги земе предвид овие конкретни мерки кои ги предлага ВМРО-ДПМНЕ. Самобендисаноста на владата досега само произведуваше кризи. Заради нивната неспособност Македонија има најниско ниво на раст на БДП, најголема стапка на инфлација и забрзан раст на сиромаштијата, се наведува во соопштението на партијата.
Власта само треба да престане да краде и ќе има доволно средства да ги менаџира предизвиците и проблемите на граѓаните и стопанството.
Comments are closed for this post.