Во понеделникот не собра на колегиум. Ни тврдеше дека е злоупотребена и ни се закани, ако не ме браните, за сите ќе зборувам, сите ќе пропаднете со мене.
Ова е само дел од изјавата на специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи со која ја објаснуваше постапката на нејзината шефица Катица Јанева од минатата недела, кога, наводно, наредила претрес при влегувањето во зградата на Специјалното јавно обвинителство. Ваквиот потег, според Фетаи, уследил по доаѓањето на истражител од Обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција, што е под надлежност на обвинителката Вилма Русковска, кој наводно и ја врачил поканата за распит во случајот „Рекет“.
Јанева прво преку прес-службата, а потоа и лично ги демантираше ваквите наводи. Меѓутоа, остана фактот дека токму кавгата од колегиумот на Обвинителките на СЈО беше непосреден повод одбраната во случајот „Титаник 3“ да побара иземање на Фетаи од денешното рочиште.
Каква ќе биде одлуката на Судот е друга работа и тоа е само едната страна на паричката. Другата, посуштествената, е дали со изнесувањето на валканиот веш и наводните закани на Јанева дека ќе зборува за сите и оти сите други (обвинителки) ќе пропаднат со неа, всушност, однапред не се девалвира се што ќе каже таа пред обвинителката Вилма Рускоска? Дотолку повеќе што во ист тон говореа и останатите нејзини колешки.
Катица Јанева утре треба да се појави во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. И нејзиниот статус е во својство на сведок каков што беше и на сите нејзини колешки и колеги, кои досега беа таму повикани.
По избувнувањето на случајот „Рекет“ и притворањето на Бојан Јовановски и Зоран Милески, медиумите, меѓу другото, објавија дека имало наредба и за притворање на Катица Јанева. Меѓутоа, таа, наводно, свртела два броја и се заканила дека има во странство депонирано дел од снимените „бомби“, па нејзиното притворање падна во вода. Обвинителството ја демантираше информацијата за постоење наредба за притворање на Јанева. Но, таа лично никогаш не го стори тоа околу „бомбите“.
Од исказот на Јанева во многу ќе зависи и натамошната разврска на случајот „Рекет“. Клучно е прашањето дали се ќе се сведе на „пресметка“ само во рамки на СЈО или ќе се премине и во политичкиот дел. Зашто, ако може да се разбере нејзиното „девалвирање“ од страна на колку до вчера нејзините најблиски соработници, тоа апсолутно не може да важи за вклученоста на политичарите во целиот случај.
Comments are closed for this post.