Во полскиот град Познањ денеска продолжува шестиот самит на земјите од Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите. Во фокусот на самитот на кој ќе учествува и владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев, ќе бидат регионалната соработка, поврзувањето, мобилноста, начините за надминување на постоечките предизвици и растот на економиите во регионот, јави МИА.
Централниот настан во Познањ ќе биде утрешниот состанок на шефовите на држави или влади на кој треба да биде објавено идното заедничко претседавање на Македонија и Бугарија со Берлинскиот процес.
На Самитот за Западен Балкан во Познањ, на заедничка прес-конференција на премиерот Заев со премиерот на Полска Матеуш Моравјецки, со канцеларката на СР Германија Ангела Меркел, и со претседателот на Владата на Бугарија Бојко Борисов, кој ќе се одржи утре во 15 часот, ќе биде објавено дека Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес во наредните 12 месеци. Претседавањето на Северна Македонија и Бугарија ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и во Скопје, информираат од владината прес-служба.
На централната пленарна сесија на самитот, гостите од регионот ќе ги поздрави и претседателот на Полска Анджеј Дуда.
Министерскиот формат на Самитот за Западен Балкан започнува денеска, кога во тематските сесии со свој придонес ќе учествуваат заменик претседателот на Владата задолжен за економските ресори Кочо Анѓушев и министерот за економија. Крешник Бектеши, заменик претседателот на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Comments are closed for this post.