Перу го прегази Чиле со 3:0 со што се пласира во финалето на Копа Америка, каде што ќе се сретне со домаќинот Бразил.
„Инките“ одиграа тактички совршен натпревар и не му оставија шанси на актуелниот јужноамерикански шампион да се бори за одбрана на титулата.
Едисон Флорес и Јошимар Јотун постигнаа по еден гол до полувремето, а ветеранот Хозе Паоло Гереро ја потврди победата во првата минута од судиското надополнување. Голема заслуга за успехот на Перуанците имаше и нивниот голман, Педро Гаљесе, кој бранеше беспрекорно, а својата одлична партија ја круниса со одбранетиот пенал на Едуардо Варгас во последните моменти од мечот.
За Перу ова ќе биде првиот финален натпревар на турнирот од 1975 година, кога ја освои титулата.
Чиле беше шампион на Јужна Америка од 2015 година, откако триумфираше во последните две изданија на турнирот.
Comments are closed for this post.