Во духот на празникот Рамазан Бајрам да ја негуваме добрината и кон другиот, добрината кон различните како порака водилка и за сите нас граѓаните на Република Северна Македонија за да продолжиме заеднички да го зајакнуваме нашето заедничко општество како едно за сите. Да го усовршуваме овој наш дом во кој секој граѓанин има еднакви услови за живот, среќа и реализација на сопствените амбиции.
Тоа го порачува премиерот Зоран Заев во честитките по повод Рамазан Бајрам до Исламската верска заедница, до Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи, и членовите на Ријасетот, и до сите верници од исламска вероисповед во државава.
„Ви го честитам големиот муслимански верски празник Рамазан Бајрам со празничниот поздрав: Бајрам Шериф Мубарек Олсун, односно: Нека биде благословен и честит празникот! Им посакувам на сите наши сограѓани, муслимани, небесен сјај за време на празничните денови на Рамазан Бајрам, со желби светлината да ги стопли сите срца за да бидат пренесени пораките за мир, толеранција и слобода за сите верници на Исламот, како и за припадниците на сите останати верски заедници“, се додава во честитката од премиерот Заев.
Тој нагласува дека им посакува на сите наши сограѓани муслимани, среќата и радоста да се вселат во нивните домови. Крајот на постот и дарбите што ги стекнавте за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, укажува, нека ве украсат со дух на солидарност и хуманост за да ги делите благодетите на празникот со вашите семејства, роднини, пријатели, соседи и намерници.
Comments are closed for this post.