Резултатите од референдумот во  општина Гази Баба покажаа дека СДСМ изгуби над 1.500 гласа. На локалните избори освоија приближно 17.600 гласови, а на референдумот ЗА гласаа околу 16.070 гласачи, рече пратеничката Жалина Пешевска на денешната прес-конференција која се одржа во општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба.

Според Пешевска СДСМ е казнета во општина Гази Баба и тој тренд на опаѓање на поддршката вели таа, ќе продолжи.

Граѓаните на општина Гази Баба на 30-ти септември испратија јасна и недвосмислена порака до власта на Социјадемократскиот сојуз, дека го одбиваат и не го одобруваат Договорот од Преспа кој е крајно штетен по македонските национални интереси и кој требаше да биде вовед во неизвесна иднина за државата. Огромното мнозинство граѓани покажа одлучност како суверен кој исклучиво го има правото да решава за судбоносни прашања, потенцираше пратеничката.

Општина, беше истакнато на прес-конференцијата, се наоѓа во целосна стагнација откако Борче Георгиевски и СДСМ го презедоа водењето на локалната самоуправа минатата година.

Ветените проекти се само слово на хартија, предизборна измама и манипулација, децидна е Пешевска.