Екипите на ЦСКА Москва и Ефес Пилсен ќе играат во финалниот натпревар на Фајнл фор турнирот на Евролигата. Рускиот тим во полуфиналните натпревари го совлада актуелниот шампион, Реал Мадрид со 95-90, додека во турското дерби, Ефес беше подобар од Фенербахче и славеше со 92-73.
Особено драматично беше во дуелот меѓу ЦСКА и Реал Мадрид. Мадриѓани многу посигурно го почнаа натпреварот, а во еден момент во второто полувреме имаа и 14 поени предност. Сепак, кошаркарите во бели дресови направија премногу фаули, со што постојано им овозможуваа на кошаркарите на ЦСКА да стигнуваат до лесни поени од линијата за слободни фрлања. Московјани мечот го завршија со дури 42 слободни фрлања, за разлика од Реал Мадрид, чии кошаркари изведоа само 24. На тој начин московјани полека ја „топеа“ предноста на Реал, па во финишот на натпреварот го презедоа и водството.
Голем плус за ЦСКА беше и лошата реализација во шутот за три поени на на плејмејкерот на „кралскиот клуб“ Серхио Љуљ, кај кого беше прилично забележливо дека речиси цела сезона не играше поради повреда. Особено погубни за неговата екипа беа три шута на Љуљ во последната четвртина кога во серија речиси и не го погоди обрачот.
Љуљ мечот го заврши со само една погодена тројка од 10 обиди, но и таа една можеше да биде клучна. Тој погоди на 15 секунди до крајот кога предноста на ЦСКА од четири поени ја намали на само еден разлика, но сепак, во следниот напад Љуљ не успеа да го повтори тој успех со што Реал Мадрид ја испушти и последнта шанса да се избори барем за продолжение.
Најефикасни кај ЦСКА беа Нандо де Коло и Серхио Родригез коишто постигнаа по 23 поени, додека кај Реал Мадрид, Фабиен Козер мечот го заврши со 18 поени.
Другото полуфинале беше решено многу пред последниот свиреж на семафорот, со оглед на тоа што кошаркарите на Ефес уште од втората четвртина покажаа дека се многу расположени за игра и постојано ја зголемуваа предноста до конечните 19 разлика.
Особено незадрлжив за одбраната на Фебербахче беше Шејн Ларкин кој постигна 30 поени, а одлично му одеше и на Василија Мициќ, кој мечот го заврши со пет поени помалку. Кај Фенербахче, Јан Весели со 14, Ерик Грин со 13 и Никола Калиниќ со 12 поени беа единствените што натпреварот го завршија со двоцифрен број на поени.
Comments are closed for this post.