Ќе се намали данокот на додадена вредност за парното греење и користењето природен гас од 18 на 5 отсто, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.
Како што изјави денеска по состанокот на Интерресорската работна група за животна средина, оваа мерка е дел од владиниот план за чист воздух и намалување на загадувањето, а ќе профункционира од следната грејна сезона.
Според Заев, намалувањето на данокот ќе биде дополнителен поттик за граѓаните кои се греат на парно, да не се исклучат од системот, но и стимул на него да се приклучат нови 10.000 корисници.
Ќе се намали данокот на додадена вредност од 18 на 5 проценти за испорака на топлинска енергија и за користење природен гас, ако на тоа се додаде и евтината тарифа што беше воведена, мерките за намалување на загадување и тоа како ќе дадат резултат, нагласи Заев.
Намалувањето на данокот, потенцира премиерот, ќе значи и пониски сметки за парно греење за околу 11 отсто или за 220 денари месечно, односно 2.600 денари годишно.
Директорот на Регулаторната комисја за енергетика Марко Бислимоски најави поедноставени сметки за парното во кои, како што рече, трошокот за ангажирана моќност нема да постои.
Comments are closed for this post.