Најмалку 100 лица загинаа, а над 250 се ранети при неколку експлозии во три цркви и три хотели на Шри Ланка, јави ДПА.

Според полициски извори, речиси исто времено одекнале експлозии за време на велигденската миса во католичка црква „Свети Ентони“ и во три хотели со пет ѕвезди во главниот град на Шри Ланка, Коломбо.

Експлозии имало и во црквата „Свети Себастијан“ во местото Негомбо, на 30 километри од Коломбо, како и во црква во Батикалоа, на 250 километри источно од главниот град на земјата.


Експлозиите во хотелите „Синамон Гранд“, „Кингбари“ и „Шанги-Ла“ во центарот на Коломбо ги потврдија и две туристички агенции чии гости престојувале во овие објекти.

Според болнички извори, при експлозијата во Негомбо загинале околу 50 лица, во Батикалоа најмалку 27, а во Коломбо 24.

Првично никој не презеде одговорност за експлозиите, а властите не се одлучија експлозиите да ги наречат терористички напад.

Поради експлозиите премиерот на Шри Ланка, Ранил Викремесинге свика итна седница на Владата, а шефот на државата Маитрипала Сирисена соопшти дека армијата и полицијата започнале истрага за откривање на одговорните за инцидентот.

Се обидуваме да утврдиме дали има заговор зад овие напади – изјави Сирисена, повикувајќи ги жителите на Шри Ланка да останат смирени.

Првиот човек на Католичката црква во Шри Ланка, кардиналот Малколм Ранџит изјави дека засега е нејасно дали за експлозиите е одговорна некоја локална или меѓународна група.

Мнозинството од жителите на Шри Ланка се будисти, но околу седум проценти од населението на островот се католици.

Ова е прв сериозен бомбашки напад во Шри Ланка од завршувањето на 25-годишниот конфликт меѓу властите во Коломбо и сепаратистичката група Ослободителни тигри на тамилскиот Елам (ЛТТЕ) во 2009 година.