Папата Франциско денеска донесе нов закон за сексуално злоставување, со кој персоналот на Ватикан и дипломатите на Светата столица мораат итно да ги пријават таквите обвинувања до ватиканските обвинители.
Тоа претставува пресврт во политиката на Ватикан, со цел да биде модел за католичката црква ширум светот.
Одредбата на законот за задолжително пријавување на сексуално злоставување претставува прв случај Ватикан и законски да ги обврзе католичките службеници таквите наводи да ги пријавуваат во полиција или во спротивно ќе се соочат со парична или затворска казна.
Папата, исто така, издаде упатства за заштита на децата за државата Ватикан и нејзиниот младински семинар, откако минатата година изби глобален скандал за сексуална злоупотреба, а седиштето на Католичката црква немаше никаква политика за заштита на децата од свештеници- злоставувачи.
Законот првпат дава експлицитна ватиканска дефиниција за „ранливи категории” на лица, кои имаат право на иста заштита, како и малолетниците според црковниот закон. Ватикан го измени својот канонски закон за сексуална злоупотреба за да ги вклучи „ранливите возрасни лица” пред неколку години, но никогаш не го дефинираше.
Според новата дефиниција, ранлива личност е секој кој е болен или страда од некој физички или психички недостаток, не е во можност да оствари лична слобода дури и повремено, и има ограничен капацитет да го разбере или да се спротивстави на злосторот.
Со новиот закон се опфатени сите кои живеат и работат во Ватикан, држава-град од 44 хектари во центарот на Рим, како и огромниот дипломатски кор на Светата Столица во амбасадите ширум светот.
Законот наложува секој ватикански јавен службеник, кој ќе дознае за наводите за малтретирање, без одлагање, да ги информира за тоа обвинителите од Ватикан. Во спротивно, може да биде казнет со парична казна до 5.000 евра или, во случај да е во прашање ватикански жандарм, до шест месеци затвор.
Законот бара жртвите да бидат примени, сослушани и да им се даде медицинска, психолошка и правна помош и пропишува дека случајот застарува во рок од 20 години по 18-от роденденна жртвата.
Comments are closed for this post.