Во Свети Николе денеска се одржа манифестацијата „Ден на млад фармер“ во рамки на која министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ја врачи и наградата за најдобар млад фармер на годината на Марио Петрев од село Амзабегово.
Елеонора Велјановска-Пероска координатор на Мрежа на млади фармери од село Мешеишта Општина Дебарца вели дека оваа манифестација се организира за да се помогне во промоцијата и анимирањето на младите земјоделци преку ваквите јавни настапи и пренесувањето на успешни приказни.
На овој начин би се зајакнала свеста кај младите за потребата од нивно останување во руралните средини, наследување и развивање на агробизнисот. Мрежата на млади фармери ќе настојува оваа манифестација да премине во традиција како во овој, така и во другите региони од Македонија, вели Велјановска-Пероска.
На манифестацијата се презентираа традициите и карактеристиките на руралното живеење, а преку презентација на традиционалната храна и народниот мелос.
Николовски посочи дека инвестирањето во младите земјоделци како двигател во земјоделскиот сектор е од исклучителна важност за Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Земјоделството, дополни Николовски, ќе стане една од основните базични гранки на кои ќе се темели идниот економски раст во Македонија. Младите земјоделци ја имат клучната улога во остварување на оваа цел, а ние како Влада ќе бидеме ваша поддршка во секој чекор.
Агенцијата за финансиска поддршка, неодамна објави повик за финансиска поддршка од неповратни 10.000 евра за младите земјоделци.
МЗШВ годинава финасиски поддржува 32 манифестации на локално ниво кои ќе организираат промоција на македонската храна, традиција, култура на руралниот развој, на туризмот. Со финансиска помош од 2.000 евра МЗШВ го поддржа Саемот на млади земјоделци во Свети Николе кој е во организација на Мрежата на млади фармери
Comments are closed for this post.