Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и в.д. градоначалникот на Oпштина Охрид, Константин Георгиевски вчера ја посетија фабриката на германската компанија „Костал” во Охрид.
Како што соопшти денеска владината прес-служба, при обиколката на постоечкиот производствен погон, што се протега на површина од 5,800 метри квадратни и дополнителни 6.000 метри квадратни магацински простор, раководството на компанијата, односно извршниот потпретседател на компанијата, Крис Сандер и директорот Виктор Мизо го запознале премиерот Заев со начинот на изработка на електронските и мехатронските софистицирани компоненти коишто се употребуваат во автомобилската индустрија.
Исто така, раководството на компанија, ги информирала премиерот Заев и министерот Сугарески дека нивни постојни клиенти се БМВ, Дајмлер, Порше, Тесла и Ролс Ројс. Од годинава, како што се посочува, „Костал” ќе изработува и проекти за Ауди, Фолксфаген, Сеат и Шкода.
-Сега сме на самиот почеток од она што сакаме да постигнеме во Република Македонија и од технологиите што сакаме да ги воведеме”, истакнал Сандерс.
Премиерот Заев, пак, посочил дека германската компанија „Костал”, што веќе трета година функционира во Република Македонија, ја надмина висината на инвестицијата, како и бројот на вработени предвидени во договорот за државна помош.
-Компанијата досега инвестирала 29 милиони евра, а во фабриката се вработени 350 луѓе. За истакнување е фактот дека просечната бруто плата изнесува повеќе од 730 евра или нето платата е 495 евра, што е близу до просекот што е амбиција на сите граѓани во Република Македонија, истакнал премиерот Заев.
На заедничкиот состанок, претставниците на „Костал’ потенцирале дека компанијата придонесува и за развој на туризмот во Охрид. Минатата година 716 од вкупниот број на ноќевања во Охрид биле гости на „Костал”.
Во исто време, тие го поздравиле воведувањето директна авионска линија Охрид – Дортмунд – Охрид, од јули годинава, бидејќи централата на „Костал” во Германија е оддалечена само половина час од Дортмунд. На тој начин, како што посочија од оваа успешна германска компанија, ќе се продлабочи меѓусебната соработка.
Со втората инвестициска фаза, како што најавиле од „Костал” планирани се инвестиции од 24 милиони евра и дополнителни над 200 вработувања до крајот на 2021 година со план до 2025 година да се достигле годишна вредност на производство и извоз од над 250 милиони евра.
-За мене е особено важно што се повеќе странски инвеститори се охрабрени да инвестираат надвор од Скопје. На тој начин, а во тоа во голема мера придонесоа политиките на Владата на Република Македонија, постигнуваме рамномерен регионален развој. Сите граѓани за нас се подеднакво важни и сите треба да добијат еднакви можности за вработување и повисоки плати”, потенцирал премиерот Заев.
Истовремено од компанијата најавиле и дополнителна инвестиција во проектот ОBC (On Board Charger), во висина од околу 10 милиони евра. Станува збор за најсофистициран производ во гамата на Костал наменет за електрични возила. Според бизнис планот на компанијата, 15 отсто од потребните репроматеријали во вредност од 45 милиони евра, се планира да бидат купени од домашни компании во Република Македонија и на тој начин ќе се овозможи зголемена соработка со локални добавувачи.
При посетата се разговарало за дополнителни мерки и чекори кои треба да се преземат за подобрување на инвестициската и бизнис клима и начини на дополнително зголемување на конкурентноста на македонската економија.
„Костал Груп” е формирана во 1912 година и претставува семејна компанија со традиција од четири генерации. Остварува деловни активности во 21 земја на 5 континенти. Ширум светот има над 20 илјади вработени и годишен обрт од 2,8 милијарди евра
Comments are closed for this post.